Директорот на Клиниката за неврохирургија Владимир Рендевски е меѓу заболените од мали сипаници, кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Тој вели дека веќе неколку дена е на Клиниката, и дека не знае како се заразил со морбили.
„Веќе трет ден сум на Клиниката за инфективни болести. Денес сум малку подобар, инаку бев со висока температура и со треска. Минатата недела имаше и други два-тројца вработени кои заболеа и тие не се на работа. Секојдневно сме во контакт со пациенти од различни делови на земјата, доаѓаат и амбулантски ги прегледуваме, затоа и апелот до сите што не се вакцинирани да се вакцинираат“, вели Рендевски.
Тој вели дека меѓу пациентите што се лекуваат кај нив на Клиниката нема заболени од мали сипаници и дека скоро сите вработени на Клиниката се ревакцинирале.
„Јас не се ревакцинирав. Колку што знам, како дете сум вакциниран против мали сипаници, но изгледа сум бил вакциниран само со една доза од вакцината. Нема штета луѓето да се ревакцинираат, без оглед на тоа дали имаат една или две дози. Епидемијата се шири и затоа треба построго да се применуваат овие мерки“, вели Рендевски.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) велат дека Клиниката во случајов, како и на останатите клиники каде имаше заразени лекари, треба да формира комисија за интрахоспитални инфекции која ќе преземе мерки за дезинфекција на просториите.
„Од понеделник ќе направиме контрола за да видиме дали и како е постапено. Досега немаме информација дека некој од пациентите на Клиниката е меѓу заболените, доколку имаше такво нешто ќе бевме известени. Дел од персоналот е веќе вакциниран, а дел се вакцинира во Центар за јавно здравје“, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова.
Институтот за јавно здравје денес објави дека последнава недела од мали сипаници се регистриранини 110 заболени и дека меѓу заболените повеќе од половината не се од Скопје.
Епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство кажа дека по прогласување на епидемија на мали сипаници, 830 лица над 14 години се вакцинирале, а 65 отсто се здравствени работници.
Е. БОЧВАРОСКА