Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу покренал дисциплинска постапка со која истражува и елементи за кривично дело против началникот на СВР Охрид Гоце Недески за заканите кон обвинителите на Специјалното обвинителство, кажувани во негово присуство.
„Пред две недели добив известување од Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за закани кон обвинителите од ова Обвинителство, упатени од организаторите на протестите во Охрид, во присуство на началникот на СВР Охрид. Јас известувањето го анализирав и веднаш побарав од службата за внатрешна контрола на МВР да го испита случајот. Побарав внатрешната контрола да го извести задолжително и Јавниот обвинител на РМ, ако има елементи за кривично дело од страна на началникот. Значи, тое што е покрената итна дисциплинска постапка против него е едната работа, а втората е дека се испитува дали во ситуацијата началникот сторил кривични дела“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК министерот за внатрешни работи Агим Нухиу.
Обвинителката Ленче Ристоска на прес-конференцијата за најновата истрага под кодно име „Труст“, за украдени 17 милиони евра народни пари од ЕЛЕМ, за сметка на конзорциум од три домашни фирми блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кажа за заканите кон обвинителите на СЈО на деветти февруари годинава, пред очите на началникот на СВР Охрид.
„Началникот на Охридската полиција (н.з. Гоце Недески) и двајца од одредена политичка партија кои беа дел од групата кои протестираа додека ние истражувавме изборни незаконитости во Охрид, побара средба со нас. На таа средба тројцата ни се закануваа. Подоцна за тие закани ние го известивме министерот за внатрешни работи“, рече Ристоска.
Таа кажа дека теренската работа на СЈО тие денови била непријатна.
„СЈО преку МВР достави покани до 185 лица и ние отидовме во Охрид за да не ги малтретираме лицата на дополнителен трошок за да мора да дојдат во Скопје. Но, доставувањето на поканите не одело лесно. Од 185 покани, само 130 биле доставени. Дента кога беше испитувањето, бевме известени дека од одредена партија е организиран протест. Нас не нѐ засега дали некој е член на партија. Двајца претставници од партијата кои го организираа протестот побара средба со нас. На средбата беше и началникот на СВР Охрид. Токму на таа средба ни беа упатени закани. Тие ни покажаа и список. Знаеја кој е повикан за сведок. Ние за сѐ го известивме министерот за внатрешни работи. Најскоро ќе се дознае кој вршел влијание врз сведоци. Од некои медиуми дури беше објавувано и како сведоците да се одбранат од СЈО“, посочи обвинителката Ленче Ристоска.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, министерот Агим Нухиу вели дека досега не стигнало известување до него дека Јавниот обвинител Марко Зврлевски, како надлежен, отворил постапка против началникот на СВР Охрид за упатените закани во негово присуство кон обвинителите на СЈО.
Ристоска, пак, укажа дека токму поради притисоците и влијанијата врз поканетите сведоци, СЈО во Охрид за изборните нерегуларности испрашало само 15 сведоци, но оти од нивните изјави, биле добиени релевантни сознанија.
С. К. ДЕЛЕВСКА