ДО 11 ЧАСОТ ГЛАСАЛЕ 10,1 ОТСТО ОД ИЗБИРАЧИТЕ, ВО СКОПЈЕ 8,3 ОТСТО

    ДО 11 ЧАСОТ ГЛАСАЛЕ 10,1 ОТСТО ОД ИЗБИРАЧИТЕ, ВО СКОПЈЕ 8,3 ОТСТОВо вториот круг од локалните избори се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Излезноста на гласачите во вториот круг од локалните избори до 11 часот изнесува 10,1 процент, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Овие податоци се добиени од обработени 92,94 отсто од избирачките места, односно 1.276 од нив. Во споредба со првиот круг од изборите, кога до 11 часот излезноста беше 9,38 проценти, денеска е забележан благ пораст на бројот на граѓани кои излегле да го остварат своето право на глас.

    Во Град Скопје, до 11 часот гласале 8,30 отсто од запишаните избирачи, според податоците од 89,20 проценти од избирачките места.

    Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска, рече дека гласањето се одвива без поголеми проблеми. Единствениот регистриран инцидент е помал технички проблем со УВ-апаратот во Дојран, кој брзо бил надминат и гласањето продолжило со стариот метод, со употреба на УВ-ламба и спреј.

    Најголема излезност до 11 часот е регистрирана во Пробиштип, каде гласале 22 отсто од избирачите, и во Крушево со 19,92 отсто. Најмал е одзивот во општините Боговиње, со 6,67 проценти, и во Шуто Оризари, каде на гласање излегле 5,93 отсто од граѓаните.

    Во вториот круг од локалните избори се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Право на глас на 1.771 избирачко место имаат 1.013.375 граѓани, од кои 474.304 се во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира