ДО 2024 ЌЕ ТРОШИМЕ И НАД 2% ОД БДП НА АРМИЈАТА, КАЖА ДИМИТРОВ ПО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ПРИСТАПНИОТ ПРОТОКОЛ ВО НАТО

    ДО 2024 ЌЕ ТРОШИМЕ И НАД 2% ОД БДП НА АРМИЈАТА, КАЖА ДИМИТРОВ ПО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ПРИСТАПНИОТ ПРОТОКОЛ ВО НАТОНикола Димитров и Јенс Столтенберг на потпишувањето на протоколот за пристапување на Македонија во НАТО во Брисел. (Фото: НАТО)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров најави дека Македонија ќе ја исполни обврската на земјите членки на НАТО да трошат 2% од БДП на армијата и порано од договореното во 2024 година. Димитров, по потпишувањето на Пристапниот протокол во седиштето на НАТО во Брисел, беше прашан дали македонската војска е подготвена за НАТО, со оглед на тоа што Македонија троши само 1% од БДП на армијата.

    „Македонија, наскоро Северна Македонија, трошеше 2,17% од БДП на армијата кога беше Самитот на НАТО во Букурешт. Оваа Влада е 20 месеци. Цврсто сме посветени да се вратиме таму каде што бевме во поглед на нашата подготвеност. Имаме нова одбранбена стратегија. Работиме на одбранбен план со двајца силни сојузници за да се осигураме не само дека ќе го зголемиме трошењето, туку и да трошиме многу покорисно за нас, но и за Алијансата. Ќе го завршиме мандатот на оваа Влада не многу далеку од 2% и ќе бидеме над 2% пред договорениот рок од 2024 година“, одговори Димитров.

    На заедничката прес-конференција со Димитров, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг беше прашан дали постои некој начин процедурата за пристапување на Македонија во НАТО да пропадне, на што тој рече дека не очекува изненадувања, иако не знае колку време ќе трае процесот на ратификација во парламентите на земјите членки.

    „Потпишувањето на Пристапниот протокол е историски настан. Потоа, тој треба да биде ратификуван од парламентите на сите земји членки. Но, убеден сум дека ратификацијата ќе помине и ќе се одвива мазно. Не очекуваме изненадувања. Не можам да кажам точно колку време ќе биде потребно за ратификација во сите парламенти, бидејќи тоа е одлука на секоја членка поединечно. Но, последниот пат кога имавме проширување со Црна Гора, процесот на ратификација траеше една година“, кажа Столтенберг.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира