До крајот на годинава ќе бидат готови експресните патишта Прилеп-Градско и Ранковце-Крива Паланка, кажа денеска министерот за транспорт и врски Александар Николоски на прес-конференцијата за работењето на Министерството во првите 100 дена на Владата. Николоски рече дека затекнал катастрофална состојба, со блокирани проекти и без никаква динамика за изведување на градежните работи на патиштата.
„Кинеската ‘Синохидро‘ со засилена динамика работи на делницата Кичево-Охрид. Од минатиот ноември досега ништо не им било платено, како да се очекува некој да работи кога не му се плаќа? Потребните средства се одобрени и од 7 октомври ќе се стават на располагање на изведувачите. Ништо не се работело ни на Коридорите 8 и 10 кои спектакуларно ги најавуваше претходната власт. Таму има голем проблеми со експропријација, со нерасчистени мини бомби од Втората светска војна, и ако се работеше според нивната динамика до 2027 година немаше да се исчисти“, рече Николоски.
Тој кажа дека ги решиле проблемите на експресниот пат од Прилеп до Градско, за кој Европската унија барала да се формира меѓуресорска комисија, а претходното раководство година и пол не ја формирало. Сега таа е формирана и овој експресен пат како и оној од Ранковце до Крива Паланка ќе биде готов до Нова година.
За железничкиот сообраќај кажа дека кога дошол на функција на пругите немало ниту една локомотива, а сега на располагање се седум.
„Ќе имаме силен инвестициски циклус во однос на железницата. Ќе воведеме градски воз, реконструкција на пругата од Табановце до Гевгелија, продолжуваме и со изградба на пругата од Коридорот 8 од Бељаковце до Крива Паланка. За третата фаза до границата со Бугарија чекам состанок со бугарската страна, на кој ќе разговараме како да се поврземе. Не сум задоволен од проектот и и тврдам дека е неизводлив. Дури и ние да ја изградиме третата секција до границата со Бугарија, од таму нема ништо. Треба да изготвиме заеднички проект и да се избере еден изведувач. Ако заедно настапиме ќе имаме комплетен и успешен проект“, рече Николоски и најави дека напролет ќе стартува проектот за изградба на брза пруга од Табановце до Гевгелија.
Николоски за наредната година најави и десет нови авиолинии и нови авиокомпании кои ќе летаат од Скопскиот и Охридскиот аеродром. Огласот за субвенционирање нови линии завршува в понеделник по што, како што кажа Николоски, ќе бидат објавени новите дестинации.
А. АНТЕВСКА