Премиерот Димитар Ковачевски вели дека измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни на функционерите се позитивни и ќе доведат до поголема ефикасност на правосудниот систем. Тој денеска изјави дека досегашните казни биле од комунистичко време, а измените кои се направени постојат во многу земји од Европската унија.
„Кај нас во државата многу работи одат споро и со право тоа се заблежува. Но, кога нешто ќе оди брзо мислам дека не треба многу да му се забележува. Измените се направени во согласност со законодавства кои важат во ЕУ. Ако го видите германското законодавство, тогаш членот кој кај нас најмногу се коментираше дека го нема е баш таков и во Германија. Ако ја видите висината на казните и ги споредите со Словенија, ќе видите дека се на исто ниво. Тоа што ние претходно имавме закон во кој што казните беа од комунистичко време бидејќи беа направени од еден, јас би нарекол Дарт Вејдер на македонското судство, не значи дека не треба да се сменат“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на почетокот на градежни работи за затворен базен во Општина Карпош.
Премиерот кажа дека сега се воведува конфискација на незаконски стекнат имот што било барање на граѓаните и нема повеќе судските случаи да се водат во недоглед.
„Се случуваше по 10 години да се води судски случај, да се менуваат судии, поротници и тој никогаш да не заврши. Еве ќе ви кажам еден пример, поранешна директорка која била дел од обвинение во една компанија, кога почнал процесот имала 55 години и ѝ бил одземен пасошот. Сега има 65 години, пензионирана е, фирмата не постои, а случајот уште се води. Како се води тој случај, таа ќе го заврши својот живот беа завршен судски процес, без пасош и никогаш нема да може да ја напушти државата. Мора да се стремиме кон ефикасен судски систем“, додаде Ковачевски.
Измените на Кривичниот законик се донесоа со европско знаменце, во забрзана постапка, бидејќи, како што кажа претставникот на Владата на седницата, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ. Но, токму измените на членот 353 кој се однесува на криминалот на функционерите, не е меѓу тие 35 членови.
Со ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната е намалена на една до пет години затвор.
Ставот 5 кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените се брише и не постои веќе.
Со овие измени застаруваат делата и практично се амнестираат 15-ина предмети за корупција, кои кај што како обвинети беа Груевски и соработниците, судиите намерно ги влечеа од 2017 година до денеска. Во овие предмети ќе настапи застареност на кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања. Со снижување на казните или со бришење на членот, ќе застарат следните случаи: „ТНТ“, „Талир“, „Талир 2“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Титаник“, „Титаник 2“, „Шпански скали“, „Тврдина-Таргет“, предмет за Стевчо Јакимовски и други.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, Обвинителството допрва ќе прави попис на предметите со овие кривични дела за корупција, па ќе каже дали воопшто некој од нив ќе остане во живот и до кога.
А. АНТЕВСКА