Утре во Македонија доаѓа заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Азија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, потврдиле за „Радио Слободна Европа“ од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје.
Засега не се знае неговата агенда и со кого сè ќе се сретне. Тој доаѓа во време на сериозна политичка криза, закажани избори на 5 јуни на кои ќе учествува само ВМРО-ДПМНЕ и засега неуспешни обиди да се најде начин за промена на датумот на изборите и за повлекувањето на аболиција од претседателот Ѓорге Иванов.
Последен пат Ји во Македонија беше во март годинава, кога разговараше за спроведувањето на Договорот од Пржино.
Тогаш тој порача дека одблиску ги следат подготовките за изборите, состојбата во медиумите, одвојувањето на партијата од државата и работата на Специјалното јавно обвинителство.