Прво да се донесе новиот Закон за финансирање на партиите, па после избор на Државната изборна комисија (ДИК), најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто на ТВ Телма на 5 јули. Рокот до кога треба Собранието да го избере новиот состав на ДИК е 17 јули, со мандат од шест месеци. ДИК ќе треба да го спроведе референдумот за името, кој е најавен за наесен.
Во Собранието се шпекулира дека СДСМ намерно го одложува донесувањето на Законот за финансирање на партиите, бидејќи сега од позиција на власт можат да добиваат повеќе средства од различни донации, а со новиот закон тоа не ќе можат да го прават.
Официјално, ниту од власта ниту од опозицијата не кажуваат каде е закочен изборот на ДИК и до каде е изработката на Законот за финансирање на партиите.
Работни групи од власта и опозицијата веќе подолго време работат на изработка на нов закон за финансирање на политичките партии. Со измените, предвидено е да се зголемат парите што од државата ги добиваат партиите за освоени гласови на избори, а да се намалат драстично донациите за партиите. И власта и опозицијата се согласуваат дека со оваа измена ќе се намали можноста за нелегално финансирање на партиите преку фиктивни донации.
Специјалното јавно обвинителство покрена случај „Талир“ во кој се осомничени 14-мина високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и лидерот Никола Груевски за нелегално финансирање на партијата и перење пари во износ од 4,9 милиони евра. Специјалната обвинителка Катица Јанева на 29 јуни 2017 кажа дека за „Талир“ не е поднесено обвинение само затоа што СЈО немало доволно време да ги истражи сите дејствија на осомничените.
Неофицијално, кандидати за ДИК од СДСМ се, Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристеска, од ДУИ, Дитмире Шеху, и како заеднички кандидат на Движењето БЕСА и Алијансата на Албанците Енвер Салихи. Како најсериозни кандидати на ВМРО-ДПМНЕ се Светлана Карапетрова и Оливер Дерковски.
Г.ТРПЕНОСКИ