Министерот за правда Кренар Лога денеска на брифинг новинарите го бранеше неговиот Предлог-закон за амнестија, додека под пенџерињата протестираа за поголеми плати токму службениците кои со години работеле на кривичното гонење на лицата кои се осудени за криминалот што се амнестира. Министерот Лога имаше само оправдувања за амнестијата што се спрема, која ќе ги опфати најверојатно и дел од осудените за „Монструм“ и за Организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, кои лежат за помагање во кривично дело.
Тој на брифингот дојде и со албум со фотографии од нехуманите услови во затворениот дел од најголемиот затвор „Идризово“, за кој кажа дека ќе им го донесе во Собрание и на пратениците.
Но на прашање што направил во неговиот мандат за да ги подобри условите во затворите место да амнестира криминалци, и дали воопшто е фрлена четка со боја во некој од затворските установи додека е министер, тој одговори дека ќе се гради нов затвор. Рече дека во ноември ќе се распише тендер, ќе трае 9 месеци, па новиот затвор ќе се гради 4 години.
Лога рече дека сега во Претдлог-законот се поднесени истите одредби од 2018 , каде предлагачи се сите партии. Изземени се дела, како коруптивните, и тие овојпат нема да се амнестираат.
Во моментов, има вкупно 2.114 осудени лица во сите затвори кај нас. Од нив, 286 целосно се ослободуваат од казната, а за 996 ќе има делумно ослободување, рече Лога. Според него, 2.813 нови осудени лица во моментов имаат упатен акт за в затвор и чекаат да влезат.
С. К. ДЕЛЕВСКА