Додека сум јас премиер, нема да има таква работа, рече Христијан Мицкоски за најавата на првиот вицепремиер Изет Меџити дека за една година на власт ќе се вработат до 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација.
„Нема таква работа, ниту пак ќе има додека сум јас претседател на македонската Влада. Ќе се вработуваат и добро е да се вработуваат луѓе кои ќе бидат компетентни и кои ќе одговорат соодветно на тие работни места. Тоа сега партиски клучеви, етнички клучеви, тоа не треба да го дискутираме, сме го кажале. Ќе направиме закон за да има правична застапеност, етничка, бидејќи овој што го направија претходните Уставен суд го поништи. Бидејќи Бандитерот е уставна категорија, ние мораме да го усогласиме законодавството согласно уставната категорија. Некој може да седи да си прави списоци, јас тоа не го исклучувам, но додека сум јас премиер, таква работа нема да се случи“, рече Мицкоски по посетата на Домот на култура „11 Октомври“ во Ченто, Општина Гази Баба, кој ќе се реконструира.
На партиски настан во Шуто Оризари, Меџити на 20 февруари рече дека за една година на власт ќе вработат повеќе Албанци во државно, отколку претходните албански политички субјекти во власта за два мандата.
„За прашањето на вработувањата, за една година ќе направиме онолку вработувања колку што тие направија за два мандати, осум години во Владата. Значи, ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација и насекаде каде што има потреба од обновување на тие работни места, со што ќе се елиминира една пречка и проблем на нашите граѓани, за да не заминуваат во странство и да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата“, изјави Меџити, кој истовремено е и министер за животна средина и просторно планирање.
По изјавата на Меџити, реагираше министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој кажа дека тоа е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа. Тој вели дека јавниот сектор не е предизборен пазар каде што се раздаваат работни места во замена за политичка поддршка.
„Би го замолил господинот Меџити да не се однесува како Алиса во земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување.Сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци“, кажа во писмената реакција Минчев.
Неколку часа подоцна, Меџити му возврати на Минчев дека „правичната застапеност на Албанците во државните институции е уставна категорија, непроменлива и неповратна, која се почитува и ќе се почитува, му се допаѓало тоа на Минчев или не!“ Тој ја потенцираше одлуката на Владата за трансформација на работниот однос од договор на дело во трајно вработување за околу 1.500 лица во здравството, од кои 750 се Албанци, додавајќи дека за оваа одлука се горди.
- ЌЕ ВРАБОТИМЕ ИЛЈАДНИЦИ АЛБАНЦИ ВО ДРЖАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ЗА ЕДНА ГОДИНА НА ВЛАСТ, ВЕТИ ПРВИОТ ВИЦЕПРЕМИЕР ИЗЕТ МЕЏИТИ
- ДРЖАВНИТЕ ВРАБОТУВАЊА НА АЛБАНЦИ КОИ ГИ ВЕТУВА МЕЏИТИ СЕ ПРЕДИЗБОРЕН ПОПУЛИЗАМ, ДА НЕ СЕ ОДНЕСУВА КАКО АЛИСА ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МИНЧЕВ
Б. НЕСТОРОСКА