Во Собранието денеска беше доделена наградата „11 Октомври“ на овогодинешните добитници.
Писателот Венко Андоновски ја доби државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста. Наградата за животно дело во областа на науката и образованието ја примија лингвистот Димитар Пандев, универзитетската професорка Ѓулумсер Касапи и докторот по историски, политички и правни науки Владо Поповски.
Претседателот на Одборот за државната награда „11 Октомври“, проф. д-р Светозар Антовиќ, потенцираше дека животните патишта и научните и творечките интереси на добитниците се различни, но, како што рече, постои една вредност која ги поврзува – вербата дека знаењето, културата и образованието можат да го водат општеството напред.
„Генерацијата во 1944 година ја исполни својата историска должност. Нашата должност, пак, е поинаква, но не помалку значајна. Ние сме должни да градиме држава во која младите ќе ја гледаат иднината, во која уметниците ќе можат слободно да создаваат и во која знаењето и чесната работа ќе бидат вистински општествени вредности. Држава во која различностите ќе нè збогатуваат, а нема да нè разделуваат“, рече Антовиќ.
Наградата „11 Октомври“ првпат беше доделена во 1995 година.



