ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА Е ПОЗИТИВЕН ПРИМЕР И ОХРАБРУВАЊЕ ЗА СИТЕ ЗЕМЈИ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН, СЕ СОГЛАСИЈА МЕРКЕЛ И ЗАЕВ ВО БЕРЛИН

    ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА Е ПОЗИТИВЕН ПРИМЕР И ОХРАБРУВАЊЕ ЗА СИТЕ ЗЕМЈИ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН, СЕ СОГЛАСИЈА МЕРКЕЛ И ЗАЕВ ВО БЕРЛИНГлавна тема на состанокот во Берлин ќе бидат односите меѓу Србија и Косово. - Од пречекот на Заев во Берлин (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Зоран Заев попладнево се сретна со Ангела Меркел непосредно пред почетокот на состанокот на лидерите од Западен Балкан со германската канцеларка и францускиот претседател Емануел Макрон во Берлин.

    Како што соопштија од Владата, двајцата констатирале дека Северна Македонија и Договорот од Преспа се позитивен пример на Балканот и дека тој успех е охрабрување за сите земји учеснички на Конференцијата за Западен Балкан.

    „Премиерот Заев и канцеларката Меркел ја истакнаа важноста на економските придобивки кои ги носи билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Грција и потенцираа дека ваквите соработки треба да се интензивираат низ целиот регион“, се вели во владиното соопштение.

    На средбата, Заев рекол и дека соработката, пријателството и реформите кои ги спроведува земјата се сериозни аргументи за позитивна одлука од страна на Европската Унија за почеток на преговорите во текот на летото.

    Претходно, Заев се сретна и со Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, со која се согласиле дека за стабилноста на регионот и особено за придобивките на граѓаните на Северна Македонија и на Грција по Договорот од Преспа, неопходно е земјата да биде поддржана и да продолжи уште побрзо на патот кон очекуваната европска интеграција.

    Покрај Заев, во Берлин се Александар Вучиќ од Србија, Еди Рама од Албанија, Хашим Тачи од Косово, Мило Ѓукановиќ и Црна Гора и Денис Звиздиќ од БиХ. На состанокот се поканети и премиерите на Словенија и Хрватска, Марјан Шарец и Андреј Пленковиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира