СО ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА СЕ ПОТВРДУВААТ МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ, ЈАЗИК, И КУЛТУРА, КАЖАА УЧЕСНИЦИТЕ НА РАСПРАВАТА ВО МАНУ

    СО ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА СЕ ПОТВРДУВААТ МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ, ЈАЗИК, И КУЛТУРА, КАЖАА УЧЕСНИЦИТЕ НА РАСПРАВАТА ВО МАНУВо првиот дел од научната расправа во МАНУ „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евроатлантските интеграции на Република Македонија“, зборуваа амбасадорите на САД, на Франција и на Германија, Џес Бејли, Кристијан Тимоние и Томас Герберих. (Фото.К.Попов)

    Со Договорот за спорот за името со Грција се потврдува и се зацврстува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, културата, обичаите и нема веќе отворени прашања со соседите, е заклучокот од првиот дел на денешната научна расправа „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евроатлантските интеграции на Република Македонија“, која се одржува во МАНУ.

    „Добивме кристална и недвосмислена потреба за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Македонци, Македонец, Македонка, Македонско. Како дома, така и во странство. Преведено без ограничувања на сите јазици во светот, идентитет за севкупна употреба. Грција го признава нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани, рече премиерот Зоран Заев на првиот дел од расправата на конференцијата.

    Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, рече дека референцата ФИРОМ бил сигнал за незавршена државност, и со прифаќање на преспанскиот договор, граѓаните ќе го исполнат заветот од резултатот на референдумот од 1991 година и ќе ја заокружат државноста со референдумот на 30 септември

    И Заев и Димитров ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да го каже конечниот став за референдумот.

    „Време да се надминат личните и партиските интереси и да ѝ се даде шанса на иднината на Македонија. Ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да размислат што значат за нив четирите букви што ги носат за македонската историја“, кажа министерот Димитров.

    Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека во текот на преговорите заборавал дека е Албанец и честопати бил во ситуација да ги брани македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а од друга страна бил сведок како премиерот Зоран Заев, пак, го бранел донесувањето на законот за употреба на јазиците.

    Првиот претседател на Собранието Стојан Андов, рече дека во Македонија сè уште има луѓе кои шират негативно мислење за НАТО којашто ги штити интересите на САД.

    „Има професори на факултет, доктори на науки кои работат да ги наговорат луѓето да не излезат на референдумот или да гласаат против договорот, но тие не нудат алтернатива со која ќе биде заменет договорот“, рече Андов.

    Претседателот на МАНУ, академикот Таки Фити, рече дека решавањето на спорот за името морало да биде направено преку нужен компромис, нешто се добива и нешто се губи.

    Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли рече дека Договорот од Преспа е тежок компромис, но, со голема волја од Македонија и Грција се дојде до договор.

    „Како во секој компромис, дел добиваш, дел губиш. Нема совршен договор или решение. Ова е многу значаен момент. Историјата на Република Македонија и на соседите, беше тешка, имаше проблеми, но географијата остана иста. Вие не сте само соседи, туку и сојузници кои ќе ги чуваат вашите суверенитети, што е голема промена“, изјави амбасадорот на САД Бејли.

    Амбасадорот Бејли потенцираше дека на 30 септември граѓаните ќе одлучат и тоа ќе биде нивен договор.

    Францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние на расправaта кажа дека мајчиниот јазик е душа на припадноста и дека е одлично што македонскиот јазик и идентитет се признати од Грција.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари