Дојде време да мора да викаме за вработувања медицински сестри кои се во пензија, оти навистина има недостиг, рече денеска сестра Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“.
На брифингот на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуцијa“ за инцијативата за промена на Законот за здравствена заштита, Никола Димитров, претседател на „Солуција“, д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија и медицинската сестра Бешлиовска, говореа за тоа дека конечно мора да се промени Законот за здравствена заштита, со кој директорот на здравствената установа има дискреционо право да го вработи не најдобриот кандидат со најмногу поени, туку кандидат преку политичка партија.
„Медицинските сестри се понижени во Македонија. Тие немаат лиценци за работа, што значи нема автономоност, ниту начин за одговорност. На сите конкурси се бараат медицински сестри со средна стручна спрема. А каде се сестрите со висока стручна спрема, или со специјализации? Сестрите мора да бидат дел од Управните одбори, од комисиите за вработувања, на местата каде се носат одлуки. Не може да се вработи, на пример, на интензивна нега сестра која до вчера била на шалтер во некое мало место, а се вработува оти директорот ѝ е сограѓанин“, рече Бишлимовска, која има работно искуство од 35 години.
За споредба рече таа, Словенија со 2 милиона жители има 17 илјади сестри, а Македонија има 9.200 медицински сестри.
„За да ви доловам како изгледа тоа, еве го овој пример, на визита од сабајле одат 15 доктори и 3 медицински сестри“, кажа таа.
Затоа, рече таа, мора да се променат нештата, оди незадоволни медицински сестри иницират незадоволни пациенти.
Б. НЕСТОРОСКА