По скоро три часа доцнење проследено со реакции и негодувања од родителите на загинатите деца во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс” во Кочани на 16 март 2025 година, првообвинетиот, сопственикот Дејан Јованов, конечно беше спроведен од притвор од затвор „Куманово”.
На почетокот, судијката Дијана Груевска-Илиевска кажа дека Државниот обвинител Ненад Савески не нашол основ за изземање на обвинителката Наташа Сарамандова од тимот што го застапува обвинението за „Пулс”.
Пред да продолжи со презентацијата на доказите, обвинителката кажа:
„Почитувани, ова не е секојдневен и лесен судски процес. Овие докази се кај судот, но тука е и поротата, тука се многу обвинети со различна одбрана, тука е и јавноста која заслужува да добие јасен настап и изведување на докази од страна на нас обвинителите. Мораме да продолжиме така јасно и прецизно да ги изведуваме и доказите за обвинетите од Пазарниот инспекторат, за да можеме да ги поврземе. Не е тоа пристрасност”, кажа обвинителката Наташа Сарамандова, за која обвинетите и нивните адвокати побараа изземање оти била пристрасна, а Државниот обвинител Ненад Савески не најде такво нешто во настапот на колешката и не ја иззеде од предметот.
Сарамандова кажа дека ќе се читаат документите, сите до еден, но без анализа и подетално објаснување како пред да биде побарано нејзино отстранување од предметот „Пулс”.
Додаде дека таквата согласност не е и за презентација на електронските докази, кои допрва следат.
На ред денеска дојдоа обвинетите од Пазарен инспекторат.
Од она што беше презентирано денеска како бројна документација, се виде дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) кој е под Министерството за економија, вршел редовни инспекциски контроли во Кафе Класик, ММММ Кафе и „Пулс”, сите во сопственост на Дејан Јованов, но тие надзори немале никаков ефект.
Нејасно е што гледале при контролите што ги вршеле од 2012 до 2024 година и како ако навистина биле вршени контроли во „Пулс”, тој незаконски локал работел угостителска дејност непречено со години.
„Се отвора доказ од 27.01.2018 година – Налог за вршење инспекциски надзор од Министерството за економија и од локалниот Пазарен инспекторат, во кабаре и дискотека Пулс. Се отвора извештај од инспекцискиот надзор од февруари 2018 година, лиценцата за работа од 2017 година. Пријава до Економија за промена на минимално-техничките услови од 2016 година… се отвора како доказ решение за изрекување опомена на Пулс во ноември 2021 година. Доказ на констатирани неправилности во 2022 година при контрола…”, отвораше обвинителката на видеобим десетици документи, битни за поткрепа на огромното обвинение.
Се враќаше наназад, за вршен инспекциски надзор од страна на Пазарниот инспекторат Штип, кои во 2015 година, и други години, оделе во контрола на кабарето „Пулс”.
Имало и инспекциски надзори во „Пулс” по пријава на граѓанин, како и по претставка од Државен пазарен инспекторат од Виница, до Скопје.
ДПИ контролирал и во јули 2024 година, а преправениот производствениот погон во диско со само една врата за излез, завиткан во сунѓери и брзогоречка пластика, со продажба на билети без фискална сметка, кои се препродавале неколкупати, за да се трупаат внатре луѓе еден врз друг, со непријавени млади момци и девојки ангажирани како келнери и обезбедување кое не гледало ни пренатрупаност, ни пуштање деца во диското, ни точење алкохол на тие деца, било оставено непречено да работи и да остварува профит.
С. К. ДЕЛЕВСКА



