Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска кажа дека новиот Правилник за функционална проценка е донесен и објавен во Службениот весник на 17 јануари 2023, „со што се заокружени сите легислативни измени за имплементација на новиот модел“. Говорејќи за новиот правилник, таа рече дека со тоа се напушта стариот медицински модел на гледање на здравствената состојба и попреченоста, каде во основата беше само медицинската дијагноза.
„Меѓународната класификација на функционирање ги опфаќа сите аспекти на човековото здравје и одредени здравствени компоненти на благосостојбата и ги опишува во однос на здравјето и во однос на состојби поврзани со здравјето. Она што е поважно, дава опис и на ситуации во поглед на функционирањето на децата, но и ограничувањата од средината за нивно целосно учество. Две деца со иста болест може да имаат различни нивоа на функционирање“, рече Тренчевска.
Тренчевска денеска говореше на настанот за одбележување на Денот на ретките болести, кој го организираше Здружението на пациенти со ретки болести „Живот со предизвици“. Со настанот се заокружи и кампањата „Ги запознаваме ретките болести – 28 дена во февруари со 28 ретки дијагнози“, спроведена низ цела држава. Тренчевска рече дека различни институции, организации, лица со ретки болести, имаат можност заеднички да дебатираат и заеднички да придонесат кон развој на нови политики и услуги, што се однесуваат на децата и лицата со ретки болести.
Таа кажа дека оваа нова методологија ќе послужи во наредниот период како алатка за креирање на социјалните политики – при планирањето на системите за надоместоци од социјалната и детската заштита, планирањето на услугите, понатаму во образованието при изработка на наставните програми, потребната поддршка во образовните установи, за подигнување на свеста и преземање на општествена акција.
Министерката соопшти дека досега во овие нови тела за проценка, функционален профил е направен за 1.699 деца и дека веќе може да се забележат и конкретни видливи резултати.
„Од направените проценки, на 884 деца им е препорачана образовна асистенција во рамките на редовното образование, додека Владата за учебната 2022/2023 година обезбеди средства во висина од 5,7 милиони евра за вработување на 720 образовни асистенти, коишто обезбедуваат поддршка на наставниот кадар, во работата со учениците со посебни образовни потреби. Потребата од остварување на правата од детска заштита, веќе се остваруваат преку овие нови тела, а исто така и сите останати мерки за дополнителна поддршка, во областа на социјалната и детската заштита, образованието и здравството, изјави министерката.
Дополнително, додаде таа, започната е трансформација и адаптација на Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Скопје, кои досега обезбедува резиденцијални услуги, во модерен рехабилитациски сервис, што ќе обезбедува најразлични видови на индивидуализирани услуги за децата кои имаат потреба од истите, за кои се обезбедени средства од 1,7 милиони евра од ИПА 2019 – ЕУ. Градежните активности започнуваат од март.
Б. НЕСТОРОСКА