Со 69 гласа „за“, Собранието денеска го донесе новиот Закон за употреба на јазиците.
Со овој закон, албанскиот јазик ќе се употребува рамноправно во сите општини и во органите на државната управа, на чело со Собранието и Владата. Пратениците на опозицијата не учествуваат во работата на Собранието.
Претходно на седницата, професорот Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, советник на претседателот Ѓорге Иванов, се избрани за судии на Уставниот суд. Пратениците ги избраа денеска на седницата која што почна со 40-минутно доцнење, пак поради тоа што се чекаше кворум.
Кадриу доби 68 гласа „за“, а за Костадиновски гласаа двајца пратеници помалку. Новите уставни судии имаат 9-годишен мандат.
С. К. ДЕЛЕВСКА