Родителот на убиеното момче Кире Тричковски го праша сведокот Блерим Беџети дали кога бил министер за правда Бекир Асани од ДУИ му влепил шамар како притисок за да не ги екстрадира избеганите од Косово, на денешното судење за „Монструм“ за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро.
„Зарем ви личам на човек на кој некој може да му удри шамар, имајте малку почит господине. Да не сте родител на убиено дете, поинаку ќе ви одговорев. Јас имам достоинство“, му рече Беџети.
„Но, мене ова поранешниот премиер Груевски ми го кажа“, му рече родителот.
„Викнете го овде Груевски, нека го каже истото овде“, му врати Беџети.
„И јас сакам да го донесат, ама не го носат“, рече родителот и го праша дали Асани му вршел притисок за овој случај.
„Ниту се јавил, ниту ургирал, ниту прашал Бекир Асасни кај мене за овој случај“, му одговори Беџети и побара од родителот достоинствено да се однесува со него.
С. К. ДЕЛЕВСКА