БЛЕРИМ БЕЏЕТИ МУ КАЖУВА НА МУСА ЏАФЕРИ ДЕКА ОСОМНИЧЕН ЗА „МОНСТРУМ“ КОЈ ГО РАСКАЖАЛ ПЕТКРАТНОТО УБИСТВО, ЌЕ БИДЕ ЗАШТИТЕН СВЕДОК, ПРОЧИТА РАЗГОВОР ОБВИНИТЕЛОТ БУБЕВСКИ

    БЛЕРИМ БЕЏЕТИ МУ КАЖУВА НА МУСА ЏАФЕРИ ДЕКА ОСОМНИЧЕН ЗА „МОНСТРУМ“ КОЈ ГО РАСКАЖАЛ ПЕТКРАТНОТО УБИСТВО, ЌЕ БИДЕ ЗАШТИТЕН СВЕДОК, ПРОЧИТА РАЗГОВОР ОБВИНИТЕЛОТ БУБЕВСКИОбвинителот Гаврил Бубевски го прашуваше сведокот Блерим Беџети за екстрадицијата на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. - Блерим Беџети (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот министер за правда Блерим Беџети на 12 април 2012 година кога се случи петкратното убиство кај Смиљковско езеро бил во Турција, а оттаму зборувал со сопартијци и со граѓани за трагичниот настан по телефон.

    „Кажав тогаш дека судството е на тест. Настана поделеност во општеството по овој трагичен настан. Имавме политичка, друга одговорност не. Ги следевме сите протести и загрижувачки околности. Се сретнав со семејствата на обвинетите во ТЦ ‘Мавровка’, кои од мене побараа само да функционира правдата во судот. Родителите на убиените деца не се сретнаа со мене, не побараа“, одговори Беџети на прашање на судијата Огнен Ставрев.

    Обвинителот Гаврил Бубевски директно го праша за екстрадицијата на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

    Беџети одговори потврдно дека имало постапка за екстрадицијата во негово време.

    „Јас ги доставив сите документи за екстрадицијата, во законски рок“, рече Беџети.

    „Во еден од разговорите со тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска таа ви вели барањето за екстрадиција до Косово побрзо да сте го комплетирале, а потоа бара и побрзо да го потпишете, се сеќавате ли на тој разговор кога таа ви вели да убрзате со постапката?“, го потсети обвинителот.

    „Убедувањата ѝ се еднострани. Имаше непотребен притисок од медиумите. Јас сум човек кој не подлегнува на притисоци. Постапив во законскиот рок“, одговори Беџети.

    Потоа Бубевски на сведокот Блерим Беџети му прочита разговор со Јанкулоска воден на 4.03.2013 година, кога тој и кажува дека утредента ќе го прати предметот до косовското министерство за правда. Тука Јанкулоска му вели дека со овој случај калкулира ДУИ пред изборите, а Беџети бара да нема судско рочиште за „Монструм“, кое било закажано 5 дена пред изборите.

    „Не се сеќавам на разговор пред 7 години“, кажа Беџети.

    Тој не се сеќаваше ни дали со косовското министерство разговарал за екстрадицијата освен службено.

    Бубевски пак се наврати на ургенцијата кај Јанкулоска да нема судење за „Монструм“ пред избори.

    Беџети повтори дека политичкиот момент и безбедносната ситуација биле многу важни во тој момент, а настанот сензитивен.

    „Дали сте разговарале со Муса за приведувањето на Хаки Азири?“, го праша Бубевски.

    „Можно е“, кажа Беџети.

    Потоа го потсети на негов разговор со Муса Џафери: „Не знам, ама не ми се допаѓа пакетирањето на ова“.

    „Во контекст на монтираниот случај ’Сопот‘ можеби сум го кажал тоа“, рече Беџети.

    Бубевски му прочита и разговор со Муса Џафери за обвинетиот Хаки Азири, кој на почетокот на истрагата во 2012 година како заштитен сведок го призна делото, посочувајќи ги двајцата избегани како убијци, а останатите како нивна логистика.

    „Добро де, останал на средина. Го обработуваат. После ќе биде заштитен сведок“, му кажал Беџети на Муса Џафери.

    „Се вршеше насилство врз еден сведок и овој разговор сигурно сум го направил во тој контекст“, кажа Беџети за овој разговор.

    На прашање од родител на убиено дете дали може да се сети колку пати ургирал до косовските власти за екстрадицијата на избеганите, Беџети кажа дека не може да се сети, а тие комуникации ги води посебен оддел во Министерството за правда.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира