Уставниот суд кој минатата недела поведе постапка за оценување на уставноста на линеарното покачување на пензиите, попладнево го демантирше премиерот Христијан Мицкоски кој од собраниска говорница, на пратеничко прашање од сопартиец, кажа дека имал информации оти била донесена одлука да се укине линеарното, кое во март треба да биде по 1.000 денари за сите пензионери.
„Имам информации дека одлуката Уставниот суд веќе ја донел, а известителката на предметот, судијката Добрила Кацарска, ја потпишала“, рече премиерот и тврдеше дека 70 отсто од пензионерите ќе добијат помала пензија поради оваа, наводно веќе донесена и бетонирана одлука.
„Уставниот суд информира дека не е донесена конечна одлука за предметот У.бр.13/2025, за членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување). Судот укажува дека на 24. седница одржана на 19.11.2025 година со мнозинство гласови, изрази сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот. Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука“, стои во демантгот на Уставниот суд, кој додава дека како и за сите останати предмети, така и за овој од поширока заинтересираност, јавноста ќе биде известена кога ќе биде ставен на седница за гласање.
Во однос на прашањата, дали Уставниот суд поведе постапка за сите линеарни покачувања кои досега беа исплатени на пензионерите, Судот уште еднаш ја информира јавноста дека нема да ги чепка претходните две, веќе исплатени покачувања по 2.500 денари (вкупно 5.000 денари), исто за секој пензионер.
Дури и да се укине покачувањето од 1.000 денари изгласано со закон, пензионерите нема да добијат помали пензии, туку ќе добијат покачување согласно законското усогласување. Најниските пензии би добиле околу 1.300 денари покачување место тие 1.000 денари на Мицкоски, а повисоките би добиле уште повеќе.
С. К. ДЕЛЕВСКА



