ДОСТАВАТА НА ИНСУЛИН ДОЦНЕШЕ ПОРАДИ ПРЕЧКИ ВО ТРАНСПОРТОТ, ВЕЛИ ЗАМЕНИК МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО

    ДОСТАВАТА НА ИНСУЛИН ДОЦНЕШЕ ПОРАДИ ПРЕЧКИ ВО ТРАНСПОРТОТ, ВЕЛИ ЗАМЕНИК МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВОЗаменик министерот за здравство Гоце Чакаровски (десно) вели дека дијабетичарите сега примаат квалитетен инсулин, што не значи дека не се случило да се протне и неквалитетна терапија. (Фото: СДК.МК)

    Инсулинот минатиот месец не беше навреме доставен заради пречки во транспортот, вели заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски, на денешното одбележување на Светскиот ден на дијабетесот 14 ноември.

    Минатиот месец дијабетичарите од Битола, Охрид и другите поголеми градови се жалеа дека до средината на месецот во инсулинските аптеки нема инсулин и преку Фејсбук си помагаа еден на друг, односно тој што има вишок пенкало го дели со оние кои воопшто немаат терапија. Размена на инсулини меѓу дијабетичарите преку Фејсбук се практикува наназад четри до пет години, во случаи кога доцни доставата или кога доцнеа набавките. Болните од дијабетес обвинија и дека се сомневаат во квалитетот на инсулините кои ги добиваат, бидејќи како што велат неколку дена по отворање на пенкалото, инсулинот што го примаат не им делува, односно не можат да ја регулираат гликемијата.

    Заменик министерот Чакаровски пак тврди дека тоа се дезинформации и дека дијабетичарите добиваат квалитетен инсулин.
    „Сега примаат квалитетен. Но, работата е во тоа што има и во јавноста и кај новинарите и кај сите некоја дезинформација, а тоа е така затоа што немаме релевантни показатели за квалитетот на инсулинот. Ќе ни дозволите во наредниот период да ги доставиме релевантните показатели од лаборатории. Тоа не значи дека немало проблем, не значи дека не се протнувале и неквалитетни инсулини, но во иднина се надевам дека тоа нема да се случи“, рече Чакаровски.

    Тој кажа дека ќе се заложи во име на Министерство за здравство, но и во лично име, недоразбирањата дека дијабетичарите користат неквалитетни инсулини да се надминат.
    „Ќе се потрудиме во иднина редовно да добиваат квалитетен инсулин. Денес сум тука да го потврдам тоа“, рече Чакаровски.

    Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, рече дека се надева дека проблемите со недостаток на инсулин и сомневањата околу неговиот квалитет ќе се надминат, бидејќи оставриле комуникација со надлежните органи со кои ги определиле правците за подобрување на состојбата.
    „Во моментов во Македонија околу 190.00 луѓе се дијагностицирани со дијабетес. Од нив 40.000 се на инсулин, останатите 150.000 се на таблетарна терапија. Околу 5.000 се со дијабетес Тип 1. За жал бројот на пациент расте секоја година, и тоа многу повеќе со дијабетес Тип 2. Секој месец дијабетес се дијагностицира кај едно до две деца“, рече Киров.

    Дијабетес Тип 1 се добива генетски и овие пациенти цел живот се зависни од инсулин. Дијабет Тип 2 се добива како резултат на лоши животни навики и храна богата со шеќери. Според ендокринолозите и според пациентите дијабет Тип 2 може да се превенира токму со подигање на јавната свест за воведување здрави животни навики.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира