Јулската плата ја добиле само вработените во средните училишта, а не и тие во основните во Македонија, потврдија од Министерството за образование и наука за САКАМДАКАЖАМ.МК, по денешната прес-конференција на Независниот синдикат за образование, кој се пожали дека доцнат платите во образовниот сектор.
„Денеска е 18 август, а вработените во образованието сѐ уште немаат земено плата. Во понеделник е 20 август и прашање е дали на тој датум ќе ја добиеме платата. Во Законот за работни односи јасно и недвосмилено стои дека крајниот рок за исплаќање на плата е најдоцна до петнаесетти во месецот, но за жал законската регулатива не е доследно испочитувана во образованието“, рече претседателот на Синдикатот Томислав Гиевски, кој обвини дека ова не е првпат и дека државата на просветните работници тоа им го прави 15 години.
Исклучок, рече тој, беше направен само за претходната, јунска плата, која на големо изненадување тие за првпат ја добиле на 13-ти во месецот.
„Од Министерството за образование е направено сè. Листите како за средните, така и за основните училишта се испратени навреме до Министерството за финансии. Според информацијата што ја добивме од Финансии, и таму е навреме завршена процедурата, без доцнење. Секој директор со тој лист што го има, оди во трезорот и ја подига платата. Тоа го направиле тие на средните, останува да го сторат директорите на основните училишта“, ни рекоа од МОН, од каде најавија соопштение во текот на денот.
Независниот синдикат бара од Министерството за образование и од општините да одговорат зошто се деградираат работниците во образовниот сектор.
„Ние немаме дополнителни хонорари и надоместоци, за нас платата, која е ниска и е под просекот, претставува единствената егзистенција“, реагира Синдикатот.
„Непристојно е за земја која има претензии да стане членка на Европската Унија, работниците да молат да ја добијат нивната чесно заработена плата“, рече денеска Гиевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА