Надлежните институции ќе испитаат зошто патниците кои транзитираат низ земјата се задржуваат на граничните премини за време на полициски час, кога со уредбата што ја донела Владата е дозволено странците непречено да поминуваат низ земјата.
Минатата недела српски граѓани и други странски државјани кои транзитираат низ Македонија, за излез од државата беа задржани повеќе од 4 часа на граничниот преминот Табановце, на македонско-срската граница со образложение дека чекаат да добијат дозвола од Главниот кризен штаб за да ги пуштат патниците.
„Во 19.15 часот влеговме од Бугарија и директно колку што можевме најбрзо стигнавме на граничниот премин Табановце, нешто после 20 часот. Кога влеговме во Македонија на границата со Бугарија, побаравме да ни дадат некој документ дека транзитираме за Србија, но ни рекоа дека нема да имаме проблем да заминеме. Се јавивме на бројот 192 во Скопје, а таму нè упатија дека проблемот ќе го реши граничната полиција. Полицајците ни велат таква е процедурата и не смеат да постапуваат спротивно на тоа. Тие пратиле телеграма до Кризниот штаб во Скопје и ако тој им дозволи, ќе нè пуштат, ако не ќе останеме тука цела ноќ. Чекаме веќе 3 часа“, ни кажа жена од Врање која тогаш нè контактираше, револтирана што само на десетина метри од српска територија мора да остане со часови на отворено.
Патниците беа пуштени од граничните служби да излезат до државата после полноќ, со образложение дека им стигнал потребниот документ од штабот.
Од Владата укажуваат дека за странските граѓани кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија, им се дозволува транзит доколку патуваат од една во друга држава. Влез во државата на странски државјани им се дозволува доколку го користат аеродромот, како дозвола за движење им се признаваат авионските карти, а доколку странски државјанин доаѓа за престој во државава не може да влезе за време на полициски час.
„Транзит за странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија е дозволен. Доколку се јави каков било проблем физичките лица треба да се јават на службата 192. Ви посочуваме дека надлежните институции ќе го испитаат конкретниот случај по прашањето“, стои во одговорот на Владата.
Оттаму додаваат за транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за три часа да ја напуштат земјата од еден до друг граничен премин.
С. НИКОЛИЌ