СТРАНЦИ КОИ ТРАНЗИТИРААТ НИЗ МАКЕДОНИЈА НЕ МОЖАТ ДА ИЗЛЕЗАТ ОД ЗЕМЈАВА ПОРАДИ ПОЛИЦИСКИ ЧАС И ЌЕ ОСТАНАТ НА ГРАНИЦА ДО САБАЈЛЕ

    СТРАНЦИ КОИ ТРАНЗИТИРААТ НИЗ МАКЕДОНИЈА НЕ МОЖАТ ДА ИЗЛЕЗАТ ОД ЗЕМЈАВА ПОРАДИ ПОЛИЦИСКИ ЧАС И ЌЕ ОСТАНАТ НА ГРАНИЦА ДО САБАЈЛЕСрпски граѓани велат дека мора на преминот Табановце да останат во своите возила до 5 часот, иако ги делат само 10 метри од нивната држава, оти полицијата не ги пушта без дозвола од Кризниот штаб. (Фото: СДК.МК)

    Српски граѓани и други странски државјани кои транзитираат низ Македонија, се жалат дека вечерва заглавиле на македонско-српската граница за излез од државата затоа што е полициски час заради заптита од коронавирусот. Тие мора да останат во своите возила до 5 часот изутрина, иако ги делат само 10 метри од нивната држава. Револтирани што што цела ноќ ќе останат на отворено, тие побараа помош во нашата редакција.

    „Во 19.15 часот влеговме од Бугарија и директно колку што можевме најбрзо стигнавме на граничниот премин Табановце, нешто после 20 часот. Кога влеговме во Македонија на границата со Бугарија, побаравме да ни дадат некој документ дека транзитираме за Србија, но ни рекоа дека нема да имаме проблем да заминеме. Се јавивме на бројот 192 во Скопје, а таму нè упатија дека проблемот ќе го реши граничната полиција. Полицајците се љубезни, но ни велат таква е процедурата и не смеат да постапуваат спротивно на тоа. Тие пратиле телеграма до Кризниот штаб во Скопје и ако тој им дозволи, ќе нè пуштат, ако не ќе останеме тука цела ноќ. Чекаме веќе 3 часа“, вели жена од Врање која нè контактираше.

    Таа и останатите луѓе на границата велат дека тие не се никаква закана за да шират коронавирус, бидејќи излегуваат од државата, а подготвени се да платат казна ако државата смета дека направиле прекршок, само за да ги пуштат да заминат. Вака се сметаат за заробени, бидејќи треба да поминат 10 часа на граница без храна и вода и основни хигиенски услови.

    Според одлуката на Владата за воведување на полициски час од 9 март, „надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштаат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето полициски час, при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна“. Исто така се вели и дека „за дополнителните исклучоци во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата, доколку има потреба ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус, во соработка со надлежните органи на државната управа“.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира