Куќа – музеј со скап ентериер и мебел од странство, потоа брендирана гардероба како за три бутика, 4 пиштола, муниција и незначителна сума банкноти од 50 евра во однос на тие милион ипол што наводно ги зел обвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13, беа презентирани денеска во Кривичниот суд од страна на обвинителството.
За одземената скапа гардероба, мебел, оружје, како впрочем и за сè, нема датум кога се набавени, па збунува тоа дека за сите одземени предмети, не се знае дали се купени откако Јовановски наводно го зел тој 1,5 милион евра од пријавувачот Орце Камчев во февруари 2019 година, или пред тоа, но сè уште не е завршена презентацијата на целиот доказен материјал. Овие докази се презентираат, како што кажа обвинителката Вилма Русковска, да се докаже кривичното дело Перење пари, за кое се товари првообвинетиот Бојан Јовановски.
Одземените предмети и мебел се од станот на Боки 13 во село Орман и од станот во Тафталиџе.
Адвокатот на Јовановски приговараше дека предметите од станот биле одземени од Јасна Мандиќ, а не од Јовановски, бидејќи тој не бил присутен при претресот.
Потоа беа прикажани одземени предмети откај веќе осудениот Зоран Милески – Кичевскиот, каде што во очи паднаа повеќе пушки, пиштоли и муниција.
Потоа беа презентирани одземените предмети од куќата на обвинетата Катица Јанева во Скопје, од канцеларијата во СЈО и од куќата во Гевгелија. Впечаток остави пишаниот текст со пенкало, комуникација на Јанева на писмено, во која препознавме текст: „Други снимки мислам нема“.
Јавноста беше во исчекување да го види одземеното купче банкноти во износ од 50.000 евра за кои кажа Обвинителството за организиран криминал и корупција уште во истрагата, но тоа денеска не се случи.
Судењето продолжува на 6 февруари.
С. К. ДЕЛЕВСКА