ДРЖАВАТА СЕ ЗАДОЛЖИ СО 19,5 МИЛИОНИ ЕВРА, РОКОТ НА ДОСПЕВАЊЕ НА ОБВРЗНИЦАТА Е 30 ГОДИНИ

    ДРЖАВАТА СЕ ЗАДОЛЖИ СО 19,5 МИЛИОНИ ЕВРА, РОКОТ НА ДОСПЕВАЊЕ НА ОБВРЗНИЦАТА Е 30 ГОДИНИДравната обврзница на домашниот пазар на капитал е издадена со кампатна стапка од 4,85 отсто. (Фото: СДК.МК)

    Денес на домашниот пазар на капитал е издадена државна обврзница на сума 1,2 милијарди денари или 19,5 милиони евра. Обврзницата е издадена со време на доспевање од 30 години, со каматна стапка од 4,85 отсто.

    „За првпат на македонскиот пазар на капитал е издадена државна обврзница со време на достасување од 30 години. Ова е сигнал за довербата на инвеститорите во македонската економија, бидејќи зголемената рочност, односно време за враќање на средствата, укажува на зголемена доверба“, велат од Министерството за финансии.

    Инвеститори во 30-годишната обврзница се приватните пензиски друштва и осигурителни компании. Според Министерството за финансии издавањето долгорочни хартии од вредност го намалува ризикот од рефинансирање на јавниот долг.

    „Во март 2012 година, 92 отсто од издадените државни хартии од вредност биле краткорочни, а 8 отсто се со поголема рочност. Во март годинава овој сооднос е 40 отсто краткорочни наспроти 60 отсто долгорочни хартии од вредност“, велат од Министерството за финансии.

    Од Министерството за финансии појаснуваат дека покрај Македонија, Словенија е единствената земја во регионот која издала 30-годишна обврзница. Бугарија има издадено и 20-годишна обврзница, а во Хрватска најдолг рок на кој е издадена државна обврзница е 13 години. Обврзница со највисок рок на доспевање има издадено Австрија, односно 100-годишна обврзница.

    „Македонската економија е повторно на вистинска патека. Економските показатели укажуваат на нејзино раздвижување. Безусловната препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ, добрата фискална политика и подобрувањето на изгледот на кредитната агенција Фич за Македонија, доволно говорат за патот по кој се движиме. Врз основа на сето ова може да излеземе на пазарот со инструмент како 30-годишна државна обврзница, кој укажува на силна доверба од инвеститорите“, рече Драган Тевдовски, министер за финансии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира