ДРЖАВНАТА АЕК КУПУВА 7 КОЛИ, ЕКРАНОТ МОРА ДА БИДЕ ПОГОЛЕМ ОД 10 ИНЧИ И ДА ИМА ГРЕЕЊЕ НА ПРЕДНИ И ЗАДНИ СЕДИШТА

    ДРЖАВНАТА АЕК КУПУВА 7 КОЛИ, ЕКРАНОТ МОРА ДА БИДЕ ПОГОЛЕМ ОД 10 ИНЧИ И ДА ИМА ГРЕЕЊЕ НА ПРЕДНИ И ЗАДНИ СЕДИШТАОсвен ЛЦД екран од најмалку 10 инчи автомобилот треба да има безжичен полнач за телефон од најмалку 15 вати, како и затемнети задни стакла со УВ заштита. (Фото: СДК.МК)

    Државната Агенција за електронски комуникации АЕК) распиша оглас за набавка на 7 автомобили, со вкупна вредност од околу 200 илјади евра. Станува збор за набавка на едно возило од 44 илјади евра и шест автомобили од по 25 илјади евра.

    Според спецификациите на огласот за поскапиот автомобил, од опрема мора да поседува камера со приказ од 360 степени, ЛЦД екран од најмалку 10 инчи, загревање на предни и задни седишта и на волан, безжичен полнач за телефон од најмалку 15 вати, како и затемнети задни стакла со УВ заштита. Бојата треба да биде црна металик.

    За останатите шест возила, за кои во огласот се бара да бидат на хибриден погон, спецификациите се нешто поскромни, па за овие возило доволно е 8-инчен ЛЦД екран и греење на седиштата не е задолжително. Тие ќе бидат бели. Рокот за испорака на поскапото возило е 30 дена, додека за останатите шест возила е 6 месеци.

    Огласот е објавен на 13 декември, а рокот за доставување понуди истекува на 17 јануари.

    Агенцијата за електронски комуникации во средата распиша и оглас за набавка на авиобилети во вредност од речиси 100 илјади евра за наредните две години.

    Директор на АЕК од крајот на минатата година е Јетон Акику, кадар на ДУИ.

    Според минатогодишната анализа на Центарот за граѓански комуникации, невладина организација која ги следи јавните набавки, во текот на 2018, 2019 и дел од 2020 година, нови автомобили набавиле 132 државни институции за вкупна сума од 8 милиони и 130 илјади евра. Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира