ДРЖАВНАТА НАГРАДА ЗА НОВИНАРСТВО „ЈАСМИН“ СЛАВИ 50 ГОДИНИ, А НЕМА ДА СЕ ДОДЕЛИ ОТИ НИКОЈ НЕ ДОБИЛ МНОЗИНСТВО ГЛАСОВИ

    ДРЖАВНАТА НАГРАДА ЗА НОВИНАРСТВО „ЈАСМИН“ СЛАВИ 50 ГОДИНИ, А НЕМА ДА СЕ ДОДЕЛИ ОТИ НИКОЈ НЕ ДОБИЛ МНОЗИНСТВО ГЛАСОВИНаградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ годинава слави 50 години, а нема да се додели. Лани ја добија Марина Костова, заменик-главна уредничка на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, и Емин Аземи од Коха. (Фото: СДК.МК)

    Годинава, на нејзината 50-годишнина,  нема да се додели највисоката државна награда за новинарство и публицистика „Мито Хаџи Василев-Јасмин”,  вели Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Одборот за доделување на државната награда ’Мито Хаџи Василев-Јасмин’ одлучи во 2019 година државната награда која се доделува  за остварувања во областа на публицистиката и новинарството од интерес на Република Северна Македонија да не се додели на ниту еден од пријавените кандидати. Оваа одлука е донесена со оглед на тоа што ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство гласови за добитник на државната награда“, стои меѓу другото во одлуката на одборот, чија претседателка била новинарката Катерина Блажевска.

    Од кабинетот на министерот за култура Хусни Исмаили не одговорија колку кандидати имало пријавени и кои биле членови на комисијата. Наградата традиционално се врачува на 21 декември во Собранието.

    Оваа награда не се додели ниту во 2017, кога министер беше Роберт Алаѓозовски, бидејќи тогаш Комисијата за избори и именувања во Собранието не распиша конкурс за избор на нов состав на одброто за доделување. Претседател на собраниската комисија беше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

    „Со оглед на фактот дека во почетокот на август беа распишани Локалните избори 2017, а според укажувањата на Државната комисијата за спречување на корупцијата, Собранието на Македонија ги прекина парламентарните седници и комисиските расправи сè до завршување на изборниот период. Со тоа се пробиени законските рокови и за конкурсот, што според Законот треба да трае од 1 до 31 октомври, како и за донесување Одлука од страна на Одборот. Поради овие причини, наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ во 2017 година нема да биде доделена“, објави тогаш Министерството.

    Лани наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ ја добија Марина Костова, заменик-главна уредничка на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, и Емин Аземи од Коха. Костова ја доби наградата за публицистика, за повеќегодишниот комплексен, меѓународен и мултидисциплинарен публицистички проект „Монографија Манчевски“ за творештвото на режисерот и уметник Милчо Манчевски. Аземи ја доби наградата за новинарство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира