Итно носење на новиот Закон за работните односи, покачување на минималната плата, како и измени и дополнување на Правилникот за професионални болести со цел болеста предизвикана од ковид-19 да се предвиди како „повреда на работа“ за сите работници и соодветно на тоа, надоместокот на плата ќе се исплаќа во висина од 100% од основицата, додека трае спреченоста за работа побараа денес, на Меѓународниот ден на трудот, сите независни сидникати.
Прогласот го потпишаа: Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС), Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Независен академски синдикат (НАкС), Lевичарско движење „Солидарност“, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) денеска закажа и протест за 8 мај под мото „Синдикално будење“, кој како што велат, „е резултат на недостатокот на социјален дијалог и наталожените проблеми со кои се соочуваат огромен број од работниците во нашата држава“.
Тие побараа, меѓудругото, Правилникот за професионални болести да се измени и во однос на изолираноста заради спречување на зараза, со што висината на надоместокот на платата за привремена спреченост од работа да се исплаќа во полн износ за оние лица за кои Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) издал решение за самоизолација заради спречување на ширење на заразната болест ковид-19. По контакт со заболено лице од коронавирусот, отсуството пред работодавачите може да се оправда со решение и истото се доставува до работодавачот за регулирање на привремена спреченост од работа.
Во наведените барања, меѓудругото стои:
- Да се овозможи паричен надоместок за невработени да можат да користат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината, за да се заштитат работниците кои останаа без работа на овој начин во кризава. Периодот за кој се исплаќа надоместокот треба да биде врзан со стажот на работникот.
- Забрана за доделување финансиска поддршка на фирми што ја злоупотребиле државната помош и не им исплаќале плати на работниците или пак, им исплаќале плата под минималната.
- Државната финансиска помош да се исплаќа директно на сметките на работничките и работниците, затоа што само на овој начин може да се избегнат грубите злоупотреби, а работниците навремено ќе ја добиваат заработената плата.
Според податоците на Агенцијата за вработување, 43.086 лица останале без работа по започнувањето на кризата во март 2020 година. Најновото истражување на Здружението за истражување и анализи покажува дека во 2020 година вкупно 6783 текстилни работнички и работници останале невработени.
Б. НЕСТОРОСКА