Утре ќе биде објавен пакетот мерки за директна помош за поттикнување нови и поддршка на стари инвестиции, рече премиерот Зоран Заев денес пред компаниите членки на Mакедонско- германската стопанска комора.
„Ништо нема да им биде одземено на тие што досега инвестирале, туку поддршката од државата ќе биде соодветна на резултатите што компаниите ги покажуваат и се гледаат преку завршните сметки”.
Мерките ќе бидат за нови инвестиции, но и за постојните. Колку ќе расте извозот, толку ќе биде поголема и поддршката. Ќе има мерки според кои поддршката ќе расте соодветно на користењето на домашни суровини и услуги. Но ништо нема да биде изнасилено, рече премиерот Заев.
Тој најави дека во пакетот мерки има и такви за помош на домашните компании да се прилагодат за да може да соработуваат со странските инвеститори.
„Лично јас и мојот тим им стоиме на располагање на инвеститорите“, им понуди премиерот, додавајќи дека доаѓа од бизнис секторот и ги разбира нивните потреби.
Германската стопанска комора во Македонија најави дека на 27 септември ќе почне проект за приватно-јавно партнерство за дуално стручно образование.
А. САЛТИРОВСКА