Државниот завод за статистика до крајот на неделата треба да достави стручна анализа до Владата кога е најдобро да се одржи пописот на население, станови и домаќинства. Според премиерот Зоран Заев многу е поважно Законот за попис да се донесе во Собранието до крајот на годината, а ваква препорака даде вчера и евроамбасадорот Самуел Жбогар.
„Верувам дека законот ќе го донесеме и верувам дека проценката на Државниот завод за статистика за тоа кога да се спроведе пописот ќе биде конечна. Многу е важно до крајот на годината законот да го донесеме, дали ќе има попис следната година или 2021 прва, законот мора да го донесеме, оти претпописот успешно помина. Ја видов изјавата на евроамбасадорот Жбогар, кој апелираше пред сѐ да се донесе законот и многу е важно да го донесеме до крајот на годината. Знаете дека и опозицијата имаше забелешки да се одложи пописот. Сега кога веќе одлучивме изборите да бидат во април следната година, ја губиме пролетта за попис. Овие денови очекувам стручна анализа од заводот за статистика да предложи до Владата, едната опција е есента следната година. Како ќе предложат тие и ќе испочитуваме“, рече Заев на отворањето на реновираниот оддел на Клиниката за гастроентерохепатологија.
Пописот беше предвидено да се одржи во април следната година, но терминот се поклопи со предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април.
Е. БОЧВАРОСКА