ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ СО РЕТКА КРВНА ГРУПА ДОБИЈА БУБРЕЗИ ОД ПОЧИНАТ ДАРИТЕЛ

    ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ СО РЕТКА КРВНА ГРУПА ДОБИЈА БУБРЕЗИ ОД ПОЧИНАТ ДАРИТЕЛПациентите кои примија органи се со уреден постоперативен тек. (Фото: Министерство за здравство)

    На Хирушките клиники во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ вчера беше извршена уште една трансплантација од починат дарител и двајца пациенти  со ретка крвна група добија бубрези и ќе продолжат да живеат нормален живот, без потреба од дијализа, соопшти Министерството за здравство. Оттаму додаваат дека поради ретката крвна група, овојпат на националните листи немаше реципиенти за другите органи.

    „Изразувам посебна благодарност на семеството на донорот, кое во најболен момент на лична загуба, се одлучи да ги донира органите, покажувајќи силна емпатија и човекољубие кон пациентите кои чекаат трансплантација. Пациентите кои примија органи се со уреден постоперативен тек. Им посакувам брзо закрепнување и долг живот. Изразувам благодарност и на медицинските тимови од сите клиники кои беа вклучени во процесот на трансплантација“, изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национална координаторка за трансплантација.

    Од Министерството потсетуваат дека трансплантацијата за најголем дел од пациентите е единствена шанса за живот, а за други, е можност за поквалитетен живот.

    „Но, таа не може да се случи доколку не постои актот на органодарување. Само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донорите, трансплантацијата е возможна. Да се подари органи, значи да се подари некому втора шанса за живот“, вели Министерството за здравство.

    Од 2020 до март годинава, во Македонија се трансплантирани вкупно 77 органи од починат дарител, од кои 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира