Четиринаесетгодишно девојче и тринаестгодишно момче добија нови коски преку трансплантација на коска од починат дарител, соопшти Министерството за здравство. Трансплантациите беа изведени на Клиниката за ортопедија, од каде велат дека користењето кадаверични коскени трансплантати има огромно значење во детската ортопедија оти се избегнува нова хируршка рана, болка и дополнителна деформација, а интервенциите се побезбедни и пократки.
Првата интервенција е извршена кај 14-годишно девојче со вродена аномалија на стапалата. Постигната е стабилна корекција и пациентката се врати на вообичаените активности. Операцијата ја предводеа вишиот научен соработник д-р Ненад Атанасов и асс. д-р Милена Богојевска-Доксевска, со тим составен од д-р Даница Поповска, д-р Армин Амедовски, д-р Ријад Ајро, анестезиолог д-р Лилјана Анѓелеска, анестетичарка Гордана Захариева, инструментарките Билјана Тројановиќ и Сузана Пејчиновска, радиолошкиот техничар Крешник Шеху и болничарката Ирена Галевска.
Втората трансплантација е направена кај 13-годишно момче со повторен деформитет на стапалото. Пациентот е испишан во добра состојба и го очекува рехабилитација. Тимот го предводеше проф. д-р Зоран Божиновски, со анестезиолог д-р Ивана Крстевска Трпковска и асистенти д-р Теодора Божиновска и Искра Шојлеска Јовановска. Во интервенцијата учествуваа и средномедицинскиот кадар: Злата Апостолоска, Кристина Реџеп, Ширете Муртезани, Крешник Шеху и Снежана Тодоровска.
Од Клиниката за ортопедски болести велат дека континуирано се работи на методите за усовршување на процесите за презервација на коскените и меките ткива со цел приближување до регулативите на Европската Унија за супстанции од хумано потекло, како и континуирана едукација на персоналот. Д-р Ненад Атанасов и д-р Милена Богојевска-Доксевска се дел од авторите на книгата „Основи на коскената трансплантација” од 2021.
„Донорството спасува и менува животи. Благодарение на семејствата кои даруваат и на тимовите кои посветено работат, денес имаме две млади лица кои добиваат шанса за подобар и побезболен живот,“ вели националнната координаторка за трансплантација, д-р Билјана Кузмановска.
Б. НЕСТОРОСКА



