ДВАПАТИ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ СЕ КООРДИНИРАТЕ СО ДУИ ЗА ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ВО СОБРАНИЕТО, А ЌЕ ГИ РАЗВЛАСТУВАВТЕ, КАЖА МЕЦИНОВИЌ ОД ЛЕВИЦА ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ

    ДВАПАТИ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ СЕ КООРДИНИРАТЕ СО ДУИ ЗА ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ВО СОБРАНИЕТО, А ЌЕ ГИ РАЗВЛАСТУВАВТЕ, КАЖА МЕЦИНОВИЌ ОД ЛЕВИЦА ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕМециновиќ смета дека измените на Закон за локална самоуправа не само што не треба да се донесат по скратена постапка, туку не треба да се донесат воопшто. (Фото: Собраниски канал/принтскрин)

    Пратеникот на Левица Амар Мециновиќ вели дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ постојано се во комуникација и веќе вторпат за три месеци двете партии формираат двотретинско мнозинство во Собранието, на денешната расправа за предложените измени на Законот за локална самоуправа. Власта на чело со ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени законот за да нема дополнителни избори во општините, чии што градоначалници станаа министри или пратеници, а ДУИ кажа дека ги поддржува законските измени.

    Станува збор за општините Аеродром, Гостивар и Сарај и за министрите Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ и Арбен Таравари од Вреди, како и за пратеникот на ДУИ Блерим Беџети.

    „Втор системски закон гласате со ДУИ. Ќе ги развластевте ДУИ, а дејствувате координирано со нив во Собранието. Можеби имате паралелни координации. Имате парламентарно мнозинство и двотретинско мнозинство кое се координира кога треба да настапи очигледно. Во три месеци двапати двотретинското мнозинство се буди. Очигледно дека имате цело време комуникација. Зошто имате комуникација за двотретинско мнозинство. Граѓаните гледаат што се случува“, кажа Мециновиќ од собраниската говорница и праша дали е нормално неизбрани луѓе да имаат ингеренции на градоначалници година дена.

    Тој смета дека овој закон не само што не треба да се донесе по скратена постапка, туку не треба да се донесе воопшто.

    „Вие без срам кажавте дека законот е ситуациски. Не знам како можете да оправдате дека носите ваков закон ситуациски, кога законското решение треба да биде општо законско решение кое што ќе ги воспостави правилата и за понатаму“, вели пратеникот на Левица.

    Мециновиќ понатаму вели дека министрите кои сега се министри ги оставиле своите општини во руинирана состојба и сега со предложеното законско решение им се ускратува на граѓаните уставно загарантираното право да ги бираат своите претставници на непосредни избори,

    „Министрите кои ги повлековте во самата влада ги имаат општините со кои што раководат оставени во апсолутно руинирана состојба. Така е со Аеродром и со Гостивар. Во Гостивар има рекордно ненормални долгови, а и во Аеродром долговите се зголемени на неверојатно ниво. Зошто Тимчо Муцунски сега кога е отиден за министер граѓаните да немаат право повторно да бираат градоначалник. Удирате по уставно загарантираното право на граѓаните да си ги бираат своите претставници на непосредни демократски избори“, рече Мециновиќ.

    По кусата расправа, потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски го затвори претресот, а гласањето е одложено за во иднина

    Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа се носи по скратена постапка, а за усвојување е потребно двотретинско мнозинство, како и Бадентерево мнозинство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира