Од мали сипаници на Клиниката за детски болести се разболеле три деца, при што едно од нив со прележана болест и примена соодветна терапија во дневна болница е пуштено на домашно лекување, а две сѐ уште се во болница. Директорката на Клиниката за детски болести д-р Катерина Ставриќ вели дека едно од овие две деца што се хоспитализирани веќе ги прележало морбилите, а кај другото дете болеста е во акутна фаза. Таа вели дека од почетокот на епидемијата досега од мали сипаници се разболеле 8 вработени од Клиниката.
„Пет доктори специјализанти, еден лаборант, еден шалтерски работник и една медицинска сестра заболеа од мали сипаници. Кај нив болеста беше во поблага форма и се на домашно лекување. Тие работат во амбуланта и на дежурства, особено во ноќни смени. Иако сите биле вакцинирани, родените по 1982 година со две дози на вакцината, а постарите со една, сепак се заразиле. Вакцината дава долгорочна заштита, но во услови на епидемија и тие што се целосно вакцинирани, а уште повеќе оние што се со една доза или воопшто не се вакцинирани се под ризик да заболат“, вели д-р Ставриќ.
Таа рече дека овие деца се нивни пациенти кои доаѓаат да примаат терапија на хемато-онколошкиот оддел, а дека од почетокот на епидемијата одвоиле посебен дел каде сите деца под сомнеж за морбили, а кои се нивни пациенти да може да ги изолираат.
„Секое дета на хемато-онколошкото одделение е само во соба, и децата кои се со морбили се изолирани од останатите. Едно од децата кое е пуштено дома доаѓаше во дневна болница да прима терапија“, вели д-р Ставриќ.
Директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Милена Стевановиќ вели дека на Клиниката ноќеска се примени две новозаболени деца од сипаници, а во моментов таму се лекуваат 20 пациенти. Таа кажа дека од сите хоспитализирани едно дете е во потешка состојба, но е стабилно.
„Во текот на ноќта будно беше следена нивната состојба од лекарскиот тим и сите деца се соодветно третирани и во стабилна состојба. Апелираме до родителите да ги почитуваат препораките, да одат на матичен лекар, а по 19 часот да ги носат во дежурните пунктови во поликлиниките Јане Сандански, Бит Пазар и Ѓорче Петров.
„Сите граѓани кои не се сигурни во својот вакцинален статус или имаат невакцинирани деца, апелираме што поскоро да ги вакцинираат. Од почетокот на епидемијата досега вакцинирани се 4.200 деца, но за да се спречи ширење на епидемијата бројот на вакцинирани деца треба да биде двојно поголем. Состојбата ја држиме под контрола, благодарение на навременото прогласување на епидемија и конкретните мерки што беа веднаш преземени спречивме побрзо ширење на болеста и бројот на заболени е сѐ уште низок“, вели д-р Стевановиќ.
Двете директорки апелираа до родителите во случај да се посомневаат на сипаници прво да одат кај матичен лекар, кој ќе оцени дали има потреба да ги препратат децата на Клиника.
„Клиничката слика ако е полесна, тие деца може да бидат третирани и во домашни услови под контрола на матичните лекари. Имаме 50 прегледи ноќе, од кои 3-4 хоспитализации, а другите со совет се враќаат дома. Пунктовите се отворија и пред епидемијата. Директорот на Здравствен дом тоа го најави уште пред епидемијата, на достап сме им на тие доктори за консултација“, вели д-р Ставриќ.
Е. БОЧВАРОСКА