ДЕТЕ СО ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА БОЛНО ОД МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ТЕШКА СОСТОЈБА, УШТЕ ПЕТ НОВОЗАБОЛЕНИ

    ДЕТЕ СО ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА БОЛНО ОД МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ТЕШКА СОСТОЈБА, УШТЕ ПЕТ НОВОЗАБОЛЕНИНовозаразените со мали сипаници се деца на возраст од 8 месеци до 3 години и сите биле невакцинирани (Фото:СДК.МК)

    Едно дете болно од мали сипаници на Клиниката за инфективно болести е во тешка состојба, а уште две деца на 6-месечна возраст на Клиниката за детски болести се на респиратор поради компликации на белите дробови предизвикани од ова заразно заболување. На Инфективна клиника вчера се регистрирани пет новозаболени од мали сипаници (морбили), а двајца се примени на лекување.

    „Едното е дете од Кочани со церебрална парализа и е со тешка пневмонија, кое претходно било лекувано на Клиниката за детски болести и на детското одделение во болницата во Кочани. Детето е во тешка општа состојба и било невакцинирано. Второто дете е на 13-месечна возраст од Сарај, кое е невакцинирано и не посетувало градинка. На Клиниката во моментов се лекуваат 22 пациенти од кои 3 се возрасни и 19 се деца. Амбулантски се прегледани уште три пациенти со морбили, дете на 11-месечна возраст од Тетово, 3-годишно дете од Шуто Оризари, и 8-месечно дете од Бутел. Овие деца не биле вакцинирани и не посетувааат градинка“, велат од Министерството за здравство.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека по препорака на Комисијата за заразни болести одлучиле редовните термини за преглед во Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле и на Клиниката за детски болести да ги откажат, односно да ги одложат, и дека ја следат состојбата и ако има потреба ќе донесат и дополнителни мерки за да се спречи ширење на болеста. Тој кажа дека и писмено и усно им е укажано во вакциналните пунктови уште при прогласување на епидемијата, а сега и повторно во Скопје да се вакцинираат сите деца на возраст над 6 месеци, а во останатите делови од земјата според редовниот календар за имунизација со навршена една година.

    „Секојдневно има нови случаи, ја следиме состојбата и мерките кои досега ги презедовме дадоа задоволувачки резултат, односно вакцинирани се над 6.000 деца во Скопје. Се надевам дека со истата динамика ќе продолжи и понатаму и сакам да нагласам дека само така епидемијата ќе заврши побрзо. За справување со морбилите, ова што сега го правиме требаше да го направиме многу порано да се направи за да се спречи појава на епидемија, а таа е резултат на падот на колективниот имунитет. Со Светската здравствена организација (СЗО) почнавме уште лани, и повикавме на имунизација. Колективниот имунитет почнал да паѓа уште 2014 година и сега ние го плаќаме данокот на тој процес и затоа преземаме вакви мерки“, рече Филипче на Националниот форум за здравство.

    Тој кажа дека дека епидемија прогласиле уште при појава на првите случаи, кога дел од јавноста и ги обвинуваше дека епидемија не се прогласува на малку заболени.

    „Ако тогаш не прогласевме епидемија веројатно сега државата ќе беше парализирана од илјадници случаи, и задоволен сум од динамиката на спроведување на вакцинацијата. Имаме врвни експерти, кои со години работеле во овој систем и верувам дека ќе ставиме крај и со сите други мерки кои ќе продолжиме да ги спроведуваме, како што е забрана за прием на невакцинирани деца во градинки и недозволиво е во иднина да се случуваат вакви работи“, рече Филипче.

    Ханс Клуге, директорот на одделот за здравствени системи и јавно здравје при СЗО, рече дека работат со здравствените власти на справување со состојбата со морбили.

    „Се изготвуваат вистинските протоколи и она што се случува во државата е дека сте на вистинскиот пат“, рече Клуге.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира