ЗАЕВ ПАК ПОВИКА НА ПОМИРУВАЊЕ И ПОДАВАЊЕ РАКА ДВЕ ГОДИНИ ПО НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    ЗАЕВ ПАК ПОВИКА НА ПОМИРУВАЊЕ И ПОДАВАЊЕ РАКА ДВЕ ГОДИНИ ПО НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТОЗаев рече и дека сè уште траат преговорите со опозицијата за приближување на ставовите за иднината на СЈО. (Фото:СДК.МК)

    Две години по организираниот напад во Собранието на 27 април, премиерот Зоран Заев уште еднаш упати порака на помирување меѓу граѓаните оти, како што кажа, ќе нема крај ако еден на друг само лошо мислиме и правиме. Вака премиерот Заев во Струмица одговори на новинарско прашање дали лично е задоволен од изречените пресуди за настанот на денешен ден пред две години.

    „За мене е многу важно дури низ ваквите тешки процеси да го изнајдеме начинот како да се помириме и да си подадеме рака. Малку сме, една шака народ и верувам дека треба и простување пред овој голем празник оти нема крај, ако еден на друг само лошо мислиме и лошо правиме. За мене како граѓанин е важно правниот систем да ја исполни својата мисија, а тоа е да не се повтори никогаш повеќе. Казните според мене се соодветни за да не се повтори повеќе и да не му падне на ум на никој друг во иднина да повтори вакви настани кои се трудиме да ги заборавиме сите“, кажа Заев и додаде дека за овој случај се разграничило насилството и организацијата на нападот од пред две години.

    Заев одговори дека сè уште траат преговорите со опозицијата за приближување на ставовите за иднината на СЈО. Тој и Мицкоски лично не разговарале последниве денови, но останува приближувањата на двете партии да ги преточат и во писмена форма како предлог. Суштествено пречка е иднината на предметите за кои се води истрага или се во предистражна постапка.

    „Јавниот обвинител и двајца други јавни обвинители со стаж од над 15 години да направат прераспределба на предметите кај соодветни обвинителства и обвинители кои ќе ја утврдат иднината на овие предмети. Што значи нема ние политичарите ниту со закон тоа да го направиме туку правниот систем да добие шанса и да утврдат што тоа ќе биде преточено во обвинение“, кажа Заев.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира