Одделот за потраги во МВР за ексдиректорот на Петтата управа Горан Грујевски и за Никола Бошкоски од УБК кои беа уапсени вчера во Солун пред лет за Будимпешта дознале дека се кријат во Грција пред десетина дена, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од полициски извори.
Според истите извори кои даваат информации под услов да останат анонимни, оти не се овластени да даваат изјави во јавноста, МВР има и сознанија и за две повеќекратно осудени лица, кои требало да бидат логистика на избеганите во Унгарија. Овие лица требало да ги пречекаат Грујевски и Бошкоски кога ќе слетаат во Будимпешта.
Лицата на кои МВР им го знае идентитетот, на пат кон Унгарија тргнале преку Бугарија и Србија. Но, биле вратени од српската полиција на границата со Бугарија, поради што се вратиле назад. Не се знае зошто српските погранични власти не им дозволиле влез во земјата.
Откако Грујевски и Бошкоски биле лоцирани дека подолг период живеат во Солун под лажни идентитети и со фалсификувани лични исправи, МВР го контактирало грчкото Министерство, со кое веднаш било договорено да помогне во нивното наоѓање и да ги уапси. Апсени се по опис и карактеристики на физичкиот изглед, како и по податоци за тоа кај спиеле, односно кај престојувале двајцата заедно.
Според процедурата, официјалното известување за апсењето и екстрадицијата ќе одат преку Министерствата за правда на Македонија и на Грција. Бидејќи тоа известување уште не е стигнато во Министерството за правда, МВР, како што ни беше кажано, се уште ги нема имињата под кои се криеле двајцата. Тоа се чека да го каже грчката полиција, велат од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК.
С. К. ДЕЛЕВСКА