ЕДНА ЗЕМЈА ДРЖИ КАКО ЗАЛОЖНИЦИ 26 ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ И ПРАВИ ШТЕТА НА ЦЕЛАТА ЕВРОПСКА УНИЈА, КАЖА ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДОРКА ХОЛШТАЈН ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО

    ЕДНА ЗЕМЈА ДРЖИ КАКО ЗАЛОЖНИЦИ 26 ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ И ПРАВИ ШТЕТА НА ЦЕЛАТА ЕВРОПСКА УНИЈА, КАЖА ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДОРКА ХОЛШТАЈН ЗА ПРОШИРУВАЊЕТОГерманската амбасадорка Анке Холштајн кажа и дека португалското претседателство во моментов работи напорно да се најде консензус за преговарачката рамка за Македонија до Советот на ЕУ што е закажан во јуни и изрази жалење што Германија не успеала да го постигне овој консензус за време на нивното претседателство со ЕУ. (Фото: СДК.МК)

    Германската амбасадорка во Скопје Анке Холштајн вели дека една земја држи како заложници 26 земји членки и прави штета на целата Европската унија, кога е во прашање процесот на проширување. За Македонија вели дека земјата ги исполни сите услови што се бараа од неа за потоа да се соочи со уште една пречка, поврзано само со националните интереси на една земја. 

    „Значи 26 земји членки се држат како заложници од некои мали национални интереси на една земја која прави штета на целата Европска Унија и го уништува нејзиниот кредибилитет на Западен Балкан. Не сакам да зборувам за Западен Балкан како наше соседство затоа што Западен Балкан е всушност дел од Европа и тие се поврзани, и ние сме сите поврзани со споделена и заедничка историја, и луѓето и економиите се многу повеќе испреплетени меѓусебе“, рече Холштајн на дебатата „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“, во организација на Европското движење на Северна Македонија.

    Понатаму, Холштајн кажа дека испраќањето мешани сигнали до земјите аспиранти за членство во ЕУ не е во корист на сите нас.

    „Северна Македонија за жал се соочува со вакво нешто веќе 15 години. Низ времето ги исполни сите услови што се бараа од неа, па дури и најтешките, поврзани со нејзиното име. Може само да се сомневаме дали и друга европска земја би имала волја да направи вакво нешто. Минатата година Северна Македонија исто така, се соочи со уште една пречка, а сепак и тука тоа е поврзано само со националните интереси на една земја. Минатата есен ЕУ направи уште едно барање, а тоа беа историските услови, што е точно, а што не, во изминатите сто години за историјата на Балканот. И на крајот на годината се направи ваква проценка, што ќе биде дел од критериумите за пристапување“, вели Холштајн.

    Дополнителни услови,според Холштајн, уште повеќе ќе отворат можност за нови билатерални барања во иднина, па дури и ќе го кочат целиот процес со години или декади нанапаред.

    „Треба да одбегнуваме елементи коишто ќе дадат можност за поголема интерпретивност или не сме тука да одлучиме кој е во право, кој не во врска со историски прашања или со јазични идентитети. ЕУ се заснова на единство, но и на разновидност. А не на категоризација на осуда. Отворените историски и територијални прашања треба да идат решени на билатерална основа и ова не е едноставен или краток процес, но сепак може да се оствари, но бара политичка волја пред сè“, вели германската амбасадорка.

    Таа кажа и дека португалското претседателство во моментов работи напорно да се најде консензус за преговарачката рамка за Македонија до Советот на ЕУ што е закажан во јуни и изрази жалење што Германија не успеала да го постигне овој консензус за време на нивното претседателство со ЕУ. Рече и дека за Македонија не постои друг простор за маневрирање и оти има црвени линии што не смеат да се преминат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира