Душко Јанковиќ, адвокат на еден од осомничените за организираниот напад во Собранието на 27 април, обвини дека судот имал двојни аршини при одредувањето мерки за обезбедување присуство. На едни им беше одреден притвор, а на други куќен притвор, иако сите се осомничени за исто дело, додаде адвокатот.
„Сите лица се осомничени за истото дело, тероризам, меѓутоа и овојпат се виде дека при одлучување за мерките за обезбедување присуство судот има двојни аршини бидејќи на едни им е одредена мерка притвор, а на други куќен притвор иако се осомничени за истото дело“, рече Јанковиќ, кој го застапува Д.Л., еден од 13-мината што добија 30 дена притвор.
Тој поднел жалба на одлуката на Основниот суд Скопје 1, донесена на барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и за корупција. Судот им одреди притвор на 13-мина од осомничените, меѓу нив и Богдан Илиевски Бетмен, а 6-мина добија куќен притвор, вклучувајќи го Борис Дамовски.