Едно лице е повредено и едно е приведено после тепачката помеѓу членови на навивачките групи на кошаркарските клубови МЗТ Скопје и Работнички.
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, тепачката се случила околу 19 часот, кога повеќе членови на навивачката група „Фемили“ се упатиле кон спортската сала „Јане Сандански“, каде што претходно била присутна група од околу 50 навивачи на Работнички, кои чекале да влезат на натпреварот.
„Во еден момент, помала група од навивачката група ‘Фемили‘, која се движела од улицата Васко Карангелески, запалила пиротехнички средства и се доближила до другата група, каде со употреба на физичка сила ја нападнале групата навивачи на Работнички, по што се оддалечиле во различни правци“, соопштија од МВР.
Повреденото лице со возило на Итна медицинска помош е пренесено во ГОБ „Св.Наум Охридски“ за укажување лекарска помош.



