Реализација на владината стратегија „Политика за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор“ усвоена неодамна ќе почне по изборите. Со стратегијата е предвидено создавање современ, ефикасен и ефективен систем за финансиско управување и контрола, внатрешна инспекција и финансиска инспекција во јавниот сектор, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на меѓународната конференција ПЕМПал за хармонизација на јавната и внатрешната финансиска контрола, која се оддржува во Скопје.
Тој рече дека земјата е прва во регионот која донела ваква стратегија, со која ќе се обезбеди ефикасен систем за финансиско управување и контрола, а ќе ги реши и наследните проблеми. Министерството за финансии годинава е домаќин на оваа меѓународна конференција, каде има 70 претставници од 20 земји од Европската унија, Јужна Америка, Африка и од поранешниот Советски сојуз.
„Наследивме проблем со заостанати скриени обврски кај институциите, фондовите. Стратегијата придонесува и во зајакнување на превенирањето на измама и корупција во спроведувањето на јавните набавки. Финансиската инспекција ја затекнавме слабо екипирана и со мал капацитет. Преку имплементација на мерките на оваа стратегијата ќе се воспостави функционална финансиска инспекција во јавниот сектор, при што Владата ќе има дополнителна гаранција за легитимно и транспарентно трошење на јавните средства“, рече Тевдовски.
На прашањето дали ќе обезбедат зајакнување и на државната ревизија, каде работат 90 ревизори, а ја следат работата на над 1.000 институции, Тевдовски кажа дека по изборите ќе почнат со реализација на оваа стратегија, и една од главните насоки од ЕУ е да се зајакнат токму ревизорите.
„Една од главните насоки од ЕУ е да се засили тој систем и со луѓе и апсолутно го поддржувам и ќе направиме сè не само кадровски, туку и според стандарди да го развиваме овој систем, бидејќи сметаме дека е важен за јавните финансии. Ревизорските извештаи се важни и ние правиме сè за да се подобри функционирањето на системот“, рече Тевдовски.
Е. БОЧВАРОСКА