ЕКОЛОШКИТЕ ИНСПЕКТОРИ СО ДРОНОВИ ЌЕ ГИ БАРААТ ЗАГАДУВАЧИТЕ

    ЕКОЛОШКИТЕ ИНСПЕКТОРИ СО ДРОНОВИ ЌЕ ГИ БАРААТ ЗАГАДУВАЧИТЕСо вонредни контроли Државниот инспекторат за животна средина продолжува во текот на оваа недела, а прво ќе го контролираат потегот кај Момин Поток - Скопјани денеска бесплатно се возеа со јавниот превоз како една од мерките за намалување на загаденоста (Фото: М.Златевска)

    Државниот инспекторат за животна средина изнајмил дронови, кои еколошките инспектори ќе ги користат при теренските контроли.

    Мирослав Богдановски, директор на Државниот инспекторат за животна средина, вели дека вчера склучиле договор за изнајмување на два дрона, кои ќе ги летаат летачи со дозвола, а ќе се користат кога инспекторите ќе одат во редовни и вонредни надзори. Тој кажа дека планирале Инспекторатот да набави свои дронови, но дека се откажале од идејата.

    „Се откажавме од идејата да купиме наши дронови, бидејќи со законските одредби кои стапија на сила од први овој месец, со дрон може да управува само лица кои имаат специјална дозвола за летање. Планираме првите контроли со дрон да ги направиме уште задутре. Инспекторите повторно ќе одат во вонредни надзори на целиот потег на Момин Поток, во делот кај Железара, но и во сите делови на Скопје од каде доаѓаат поплаки од граѓани за можно загадување“, кажа Богдановски.

    Тој рече дека планираат да набават и термални камери, со кои ќе ги опремат дроновите за да може и во ноќни услови да се направат снимки на сите извори на топлина. Сумата за изнајмување на дроновите, според Богдановски е симболична, оти лицето од кое ги изјамуваат и самиот е екологист и решил да помогне.

    „Различно се движи цената зависно од тоа колку време ќе се користи дронот и на колкава локација, но просечно дневно ќе не чини околу 1.500 денари. Освен дроновите во оваа сума практично се изнајмени и летачите на дроновите. Тие ќе бидат постојано достапни за потребите на инспекторите. Се надеваме дека со овие снимки и слики ќе може да се види она што инспекторите кога се на терен не можат да го проверат, на пример кога станува збор за приватен имот или фирма, која по 16 часот не работи и практично е затворена и инспекцијата не може да влезе“, вели Богдановски.

    Тој додава дека се решени да ги откријат сите загадувачи и повторно апелира до граѓаните на бројот 193 да ги пријават сите што незаконски палат опасни материјали или друг вид отпад.

    Досега еколошките инспектори утврдија само неправилност во работењето на печката за медицински отпад на скопската депонија Дрисла, која беше паришно казнета и ѝ беше наложено да стави филтри. Во вонредните контроли што изминативе месеци се прават во Скопје друг загадувач на воздухот не е детектиран. Деновиве аерозагадувањето во Скопје, особено со честички прачина ПМ10 повторно повеќекратно ги надмина максимално дозволените 50 микрограми на кубен метар.

    Е.БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира