Експерти од Австрија и САД ќе помагаат да се најде решение за изградбата на тунелот на трасата на автопатот Кичево-Охрид.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов велат дека поради грешки во проектирање на тунелот од минатото раководство сега цената за негова изведба ќе биде двојно поголема. Геотехничките испитувања на земјиштето се правеле на едно место а трасата за тунелот е на друго место на кое категоријата на земјата е сосема различна. Поради овие проблеми на помош изминатиот период дошол експерт од Австрија, а совети ќе се бараат и од стручни лица од САД.
„Земјиштето што се испитувало е подалеку од трасата на тунелот и е 2-3 категорија, а она каде што ќе минува е 5-6 категорија. Тоа ги менува работите и ќе доведе најмалку до двојно повисока цена за негова изведба. Имаме соработка со државни патишта од Австрија кои без никаков надоместок ни го пратија најдобриот експерт од оваа област. Тој беше тука три дена со цел да ни даде совети околу понатамошната изградба на тунелот. Очекуваме и експерти од САД да дојдат за наоѓање најдобро решение“, вели директорот на државни патишта Зоран Китанов.
Според Сугарески и Китанов до крајот на месецов ќе се знае толку точно дополнителни пари ќе требаат да се изградат клучките и сервисните патишта кои воопшто не биле предвидени.
„Нигде го нема ова да се проектира автопат а да не се проектираат клучки. Со сегашната состојба не е предвидено нигде исклучување, што значи дека од Кичево до Охрид на ниту едно место граѓаните нема да можат да се исклучат од автопатот или пак да возат по сервисни патишта. Осумте клучки кои се во фаза на проектирање ќе чинат околу 30 милиони евра, но до крајот на месецов ќе имаме конечна сума за сите дополнителни работи“, вели министерот Сугарески.
Во моментот на автопатот велат Сугарески и Китанов се работи, но очекуваат во наредниот период да се засили динамиката. Ќе се работи на косините покрај трасата на автопатот.
„Во моментов имаме пари но и немаме. Тоа значи дека сметка имаме 220 милиони евра, но сега ќе бараме од Собранието да ни се дозволи од една намена да ги трошиме за друга како што тече динамиката на градежните работи“, вели Китанов.
Во март оваа година рокот за изградба на автопатот поради грешките во проектирање беше продолжен до 2021 година.
А. АНТЕВСКА