ЕКСПЕРТИТЕ ЈА СОЗДАДОА ХИСТЕРИЈАТА ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ ОТКАКО ВЛАДАТА ЦЕЛА НЕДЕЛА ТВРДЕШЕ ДЕКА НЕ ГО ДОБИЛА

    ЕКСПЕРТИТЕ ЈА СОЗДАДОА ХИСТЕРИЈАТА ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ ОТКАКО ВЛАДАТА ЦЕЛА НЕДЕЛА ТВРДЕШЕ ДЕКА НЕ ГО ДОБИЛАПроизлегува дека тоа го прават во интерес на трети страни и земји, рече Ковачевски; - Со Макеодн, Мишел и фон дер Лајен на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел. (Фото: Фејсбук)

    Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Брисел по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан рече дека е изненаден што поради предлогот на француското претседателство со ЕУ за симнување на ветото на Бугарија се создала голема хистерија во Македонија. Францускиот предлог минатиот петок беше објавен во медиумите во Македонија од дипломатски извори, а и премиерот и министерот за надворешни работи Бујар Османи цела недела тврдеа дека Владата не го добила.

    „Изненаден сум што луѓето што се нарекуваат експерти и тврдат дека знаат како се одвиваат процесите, се тие што ја креираа најголемата хистерија во земјата. Произлезе дека тие не ни знаат како се изработуваат предлозите и како се споделуваат меѓу земјите-членки и земјите-кандидати. Произлегува дека тоа го прават во интерес на трети страни и земји“, рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама во Брисел.

    Ковачевски претходно, по завршувањето на самитот, соопшти дека францускиот предлог, во форма како што е сега, е неприфатлив за земјата. Тој остави простор, доколку има прифатливи корекции, да продолжат разговорите за време на француското претседателство. Ковачевски изрази надеж дека во иднина ќе има поголемо ниво на разбирање и дека процесот на проширување ќе биде заснован на заслуги и дека билатералните прашања нема да бидат пречка.

    Тројцата лидери изразија жалење и незадоволство што Европската Унија денеска немаше позитивни вести за земјите од Западен Балкан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира