ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ ПАВЛИНА ЦРВЕНКОВСКА ВЕЌЕ НЕ САКА ДА ЗБОРУВА ЗА СУДСКО-БИЗНИС ЕЛИТАТА

    ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ ПАВЛИНА ЦРВЕНКОВСКА ВЕЌЕ НЕ САКА ДА ЗБОРУВА ЗА СУДСКО-БИЗНИС ЕЛИТАТАПретседателката Весна Дамева кажа дека отсега во Судскиот совет сè ќе се одвива транспарентно, а тоа што Црвенковска изнесе обвинувања за судско-бизнис притисоци, а сега не сака да зборува за тоа, е нејзина одлука. - Павлина Црвенковска (Фото: СДК.МК)

    На првото појавување денеска на седница по оставката и боледувањето, поранешната претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска не сакаше да зборува за нејзините тврдења дека се водела хајка против неа поттикната од судско-бизнис интереси и која што ја наведе како причина за нејзината неодамнешна оставка.

    По текстот во САКАМДАКАЖАМ.МК дека се побуни мнозинството од судии во Судскиот совет (без судијката Лорета Георгиева од Струмица) дека Црвенковска им прочитала од список судии за да се изгласаат на позиции во Академијата за судии и обвинители, таа си поднесе оставка.

    Во соопштението по оставката таа тврдеше дека „против неа се водела медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од судско-бизнис елитата“.

    „Добредојдовте колешке Павлина Црвенковска, кажете кои се тие судско-бизнис интереси и лоби, заборавив како беше, поради кои си поднесовте оставка. Кажете ни, да ви помогнеме и да ве заштитиме”, ја праша денеска пред полна сала новинари новата претседателка Весна Дамева.

    Ѝ кажа дека може и на писмено ако сака да образложи кој ѝ вршел притисоци од бизнисот или од кај и да ги чувствувала.

    „Не е во ред да ме прозивате тука, кога јас ги кажав причините. Јас наведов хајка, ни притисоци, ни влијанија. Презедов мерки, ако продолжи хајката против мене, ќе излезам со соопштение”, рече Црвенковска.

    По ова, Дамева ја затвори седницата. Уште еднаш кажа дека отсега во Советот се ќе се одвива транспарентно, а тоа што Црвенковска изнесе обвинувања за судско-бизнис притисоци, а сега не сака да зборува за тоа, е нејзина одлука.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира