Доскорешната претседателка на Врховниот суд Лидија Неделкова, откако се кандидирала за повторен мандат во највисокиот суд, добила три претставки пред Советот за утврдување на факти за разрешување на судија. Претседателот на Советот за утврдување на факти Сашо Поцевски за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека против неа се водат три претставки, дека сѐ уште се работат и сѐ уште за нив нема одлука дали пред Судскиот совет ќе се поведат иницијативи за казнување на Неделкова.
Во Врховниот суд, каде за в.д. претседател е назначена Снежана Бајлозова која противкандидат на Неделкова за нов претседател на Врховниот суд, велат дека се работи за линч на четворица судии, при што најзагрозена е експретседателката.
Советот за утврдување на факти повел постапка и против експретседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, кој исто така е кандидат за нов претседател на судот, против Ристо Катевеновски и Џемали Саити.
Првата претставка на поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски против Неделкова е затоа што како претседател на Врховниот суд побарала на увид два завршени предмета од Основниот суд Скопје 1, а кои што тој без проблем ѝ ги дал, согласно законот. И покрај тоа што тука е обратна насоката на барање одговорност, судија од понизок суд бара одговорност од претседател на Врховен суд, сепак, велат врховните судии, Советот за утврдување на факти ја прифатил претставката на Панчевски и отворил предмет против Неделкова во ек на огласот за избор на претседател на Судот и во момент кога се спроведува т.н. вонредно оценување од Судскиот совет.
Советот за утврдување на факти и сам повел постапка против Неделкова по допрен глас, во врска со одлагање на едно рочиште за Диво Насеље, а кое требало да се одржи во Врховниот, место во Основниот суд Скопје 1. По јавните препукувања на Владимир Панчевски и на Лидија Неделкова, која сметаше дека судење за тероризам, кое е на почеток и во прв степен, нема услови и не е умесно да се одржува во Врховен суд на една држава, Владата пресече и свечената сала од Врховниот суд му ја даде во владение на Панчевски.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто за настан случен на 31 мај годинава, Советот за разрешување на судии поведува постапка против Неделкова по допрен глас токму сега, кога тече огласот за избор на претседател на Врховниот суд, претседателот Сашо Поцевски ни изјави:
“Ние кога сме разбрале, тогаш сме повеле постапка по допрен глас. Тоа е наша работа. Не ни се мешајте. Ние по законот, по допрен глас можеме да отвориме и предмети стари три години. Не ви дозволуваме да ни сугерирате и да ни се мешате. Нам никој ништо не ни може, ние сме пензионери, работиме самостојно и независно“.
Советот за разрешување на судии ја прифатил иницијативата на адвокатот Ѕвонко Давидовиќ и отворил предмет против врховните судии Јово Вангеловски, Џемали Саити и Ристо Катевеновски, кои како кривичен совет одлучиле судењето за случајот Јустиција да се префрли во надлежност на Основниот суд Битола, поради конфликт на интереси. Постапка тука е поведена и против Лидија Неделкова, како организатор на префрлувањето на надлежноста.
Јустиција е предмет против повеќе судии од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1, за кои врховните судии нашле дека не може еден суд да ги пријавува, гони и суди странките и оти надлежноста треба да се префрли во друг суд, како што налага законот. Врховните судии прашуваат како воопшто Советот ја прифатил оваа иницијатива.
За утре во 10 часот Судскиот совет закажа седница за вонредно оценување на кандидатите за претседател на Врховниот суд: Лидија Неделкова, Јово Вангеловски, Снежана Бајлозова и Беса Адеми.
С. К. ДЕЛЕВСКА