По приемот на Инфективната клиника на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ, позитивен на ковид-19, претседателот на Собранието Талат Џафери итно сабајлево се јавил кај претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски. Не се знае дали Собранието ќе продолжи да работи со физичко присуство на пратениците, сè зависи од резултатите од епидемиолошката анкета со пратениците која почнува да се прави веднаш.
Караџовски не одговара на телефонските повици, но наши извори велат дека на спикерот Џафери му било кажано оти епидемиолози од Центарот за јавно здравје ќе ги анкетираат пратениците поединечно за контактите со него. Потоа ќе се одлучи дали поединци ќе одат во изолација, или сите 120 пратеници.
Од Собранието апелираат „до сите останати пратеници, освен во Собранието, да се придржуваат до мерките за заштита на колективното здравје и во домашни услови, посебно во контактите со најблиските“.
Иако новинарите од конституирањето на овој парламент, согласно препораките, немаат физички контакт со пратениците, сепак собраниските служби кои имаат, сведочат неофицијално дека пратениците не се многу дисциплинирани.
„Маските ги носат на брадата, си зборуваат еден до друг, уста на уста од близина, на паузите и во ходниците”, велат нашите извори.
Досега пратеничката група на СДСМ двапати на координација кај Џафери побара пратениците да работат онлајн, на далечина. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува.
За новонастанатата состојба не успеавме да го добиеме координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА