Европската унија внимателно ја следи јавната караница меѓу шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска и директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми, но смета дека тоа прашање треба да си го решат надлежните органи.
„Европската Унија внимателно ги следи сите случувања поврзани со меѓусебните неодамнешни јавни размени на обвинувања меѓу шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми и смета дека тоа прашање треба да го решат надлежните органи“, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје за државната агенција МИА.
Русковска на 3 август ги повика ЕУ и странските амбасади да ѝ помогнат со, како што кажа, притисоците од Муареми. Повикот на Русковска дојде по брифингот со селективно одбрани новинари на Муареми од истиот ден, на кој тој ги информирал новинарите дека ќе им поднесе и кривични пријави на обвинителките кои влегле да му вршат претрес.
- ЗДРУЖЕНИЕТО НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ КАЖА ДЕКА РУСКОВСКА НЕПОТРЕБНО НА ПОЛНОЌ СЕ ОБРАТИЛА ДРАМАТИЧНО ДО АМБАСАДИТЕ ЗА СЛУЧАЈОТ „ПРЕТРЕС КАЈ АРАФАТ МУАРЕМИ“
- РУСКОВСКА ГИ ПОВИКУВА ЕУ, АМБАСАДАТА НА САД И ОБВИНИТЕЛКАТА КОВЕСИ ДА Ѝ ПОМОГНАТ ПРЕД ПРИТИСОЦИТЕ ОД ВЛАДИНИОТ ФУНКЦИОНЕР АРАФАТ МУАРЕМИ НА КОГО ТАА ПО ЗАКОН МУ Е НАДРЕДЕНА
Од ЕУ додаваат дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија.
„Спроведувањето на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер за Фундаменталните вредности, кој прв ќе биде отворен во пристапните преговори со ЕУ“, велат од Делегацијата на Унијата.