Претставници од Интернационалната фондација Еуротрансплант, за меѓугранична размена на органи од починати дарители, во текот на следниот месец треба да дојдат во Македонија и да дадат оценка дали земјава ги исполнува условите за влез во оваа мрежа, и доколку не ги исполнува што треба да направи за да стане нејзина членка.
Министерот за здравство Венко Филипче, рече дека по ова ќе имаат попрецизни податоци и информации за мерките што ќе ги преземат за развој на кадаверичната трансплaнтација во земјава. Во моментов земјава има само листа на чекање на пациенти за пресадување на бубрези. Според Филипче во меѓувреме треба да се направат и листи на чекање за сите орган, за да се види на колку пациенти им е потребна трансплантација.
„Распишавме конкурс за Национален координатор за трансплантација, а веќе следниот месец ќе имаме јасна слика за натамошните мерки“, вели Филипче.
Неодамна Владата ја усвои информацијата од Министерството за здравство за проширување на листата за издавање лиценци за трансплантација на клетки за лекување хематопоетски матични клетки, срце, панкреас, очни ткива, црн дроб, бубрези и бели дробови. Со ова решение според Филипче ќе се овозможи на приватните болници да добијат лиценца за вршење трансплантации, а со тоа да се намалат и трошоците за лекување на пациентите во странство. Според него тоа ќе се направи само ако има конзилијарно мислење од државните клиники дека во јавното здравство нема услови да се даде потребната здравствената услуга и дека сите можности за лекување се исцрпени.
„Сакаме нашите приватни болници да бидат првото место каде ќе се упати пациентот пред да биде пратен во странство, по истиот принцип и за другите здравствени услуги за кои и сега важи тоа правило. При тоа приватните болници треба да обезбедат услови и на сопствен трошок треба да обезбедат стручњак кој ќе ја изврши трансплантацијата, како и соодветна опрема, а државата ќе плати интервенцијата. При тоа приватната болница ќе има обврска во зафатот за пресадување органи да вклучи тим од соодветна државна клиника. Така очекуваме да се намалат трошоците за лекување во странство, кои сега годишно изнесуваат околу 10 милиони евра“, вели Филипче.
Според него во случајов не постои простор за паника дека може да се злоупотреби процесот, бидејќи Министерството за здравство ќе ги контролира листите на чекање и за секој одделен случај на пресадување органи ќе има комплетен увид.
„Целиот процес ќе биде под контрола на Националниот координатор за трансплантација и на Министерството за здравство“, вели Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА